Enes Kaplan,İlkay Guder
28 Декември 2016•Ажурирај: 29 Декември 2016
АНКАРА (AA) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган денеска во Анкара изјави дека во уметноста во Турција се следи погрешна стратегија, како и дека за жал, многу се копира и се имитира, а и тоа се прави лошо, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган во Анкара говореше на церемонијата на којашто Претседателството на Турција доделува награди за придонес во областа на културата и уметноста. Во таа пригода, претседателот им честиташе на сите добитници на наградите.
„Сите оние што даваат свој придонес во културната, уметничката и во научната сфера во Турција, вршат голема услуга за оваа земја. Со оваа награда сакаме да му се заблагодариме на секој што во таа смисла го дава својот придонес. Без сомнеж сметаме дека нивното место е во срцата и душите на нашиот народ“, рече Ердоган.
Тој истакна дека придонесот во културата, уметноста и во науката во Турција нема да се вреднува ништо помалку од придонесот во областите како безбедност, економија, здравство или спорт.
Ердоган рече дека поради постојаните трауми и тешкотии, во последните два века, во оваа земја фокусот бил ставен на опстанокот и дека помалку време и помалку енергија се насочувале кон другите области.
Според него, во текот на формирањето на новата држава, во културата и во уметноста се следеше погрешна стратегија.
„Во време кога средствата за комуникација толку се развија, јасно е дека не можеме да бидеме затворени и да останеме на една историска точка. Секако дека во сѐ треба има интеракција, но ние имавме еднострана интеракција. Заедно со другите области, во културата и уметноста, за жал, само копиравме и имитиравме, а тоа го правевме лошо“, рече Ердоган и додаде дека не се работело на тоа да му се покажат сопствените вредности на светот.
Претседателот Ердоган нагласи оти тоа сепак не значи дека до денес ништо не е направено.
„Секако дека тука имаше многу квалитетни, убави и важни уметнички дела и научни активности. Но, сето тоа остана многу ограничено. Не само што не е пренесено на светот, туку било тешко да доспее и до нашето општество“, рече тој.
Според него, зад тој неуспех стои фактот дека се важни само парите.
Наградите на Претседателството на Турција во областа на книжевноста ги добија Мустафа Кутлу, во општествените науки Кемал Хасим Карпат, во областа музика Ерол Парлак, во областа кинематографија Шенер Сен и Феридун Озгорен за традиционална уметност.