Enes Kaplan
10 Ноември 2019•Ажурирај: 11 Ноември 2019
АНКАРА (AA) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, во Анкара изјави дека неговата земја е решителна да ги оствари целите предвидени за 2023 година и дека тоа е вистински начин на разбирање и сеќавање на основачот на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган во Анкара говореше на свеченоста по повод одбележувањето на 81. годишнина од смртта на Мустафа Кемал Ататурк, основачот на Република Турција.
„Денес е 81 година од смртта на главниот командант во Војната за независноста, основачот на нашата Република и нашиот прв претседател Мустафа Кемал Ататурк. Со голема благодарност денеска се сеќаваме на Мустафа Кемал Ататурк и на сите наши херои, ветерани и шехиди“, рече Ердоган.
Подвлече дека е неприфатливо славењето на Републиката игнорирајќи го претходното минато на земјата.
„За оние кои со славењето на Републиката, се обидуваат да ја игнорираат целата наша историја, сметаме дека се срамат од сопственото минато“, рече Ердоган и истакна: „Оние кои сеат омраза за целатата наша претходна историја за да ги раскажат заслугите на Мустафа Кемал, тие под маската на Ататурк го кријат непријателството кон овој народ.“
Како што рече, зборовите „Република“ и „Ататурк“ од устите на оние кои во својот живот не заковале ниту една шајка за раст, развој и просперитет на Турција, не се ништо друго освен лага.
„Наметнување политички стил кој се одразува во постојано навредување и понижување на Османлиите, или е незнаење или невнимателност или лоша намера", порача Ердоган, кажувајќи дека денес, „од најдлабоките делови на Африка до крајот на Балканот, каде и да отидете вие сте таму добредојдени".
„Решителни сме во тоа Турција да ги оствари своите цели предвидени за 2023 година, а тоа е влегување во најсилната лига во светот. Тоа е начин на кој ние го разбираме и се сеќаваме на Ататурк, не само преку зборови", порача Ердоган.
Говорејќи за актуелната ситуација во Сирија, Ердоган порача дека во регионот во кој Турција донела безбедност веќе се вратиле 365.000 сириски бегалци.