Elena Teslova
14 Ноември 2019•Ажурирај: 15 Ноември 2019
МОСКВА (АА) - По состанокот меѓу турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и американскиот претседател Доналд Трамп, руските медиуми во своите медиумски извештаи ја истакнаа „недоследната политика на САД кон Турција", пренесува Агенција Анадолија (АА).
Државната новинска агенција „РИА Новости“ (RIA Novosti) нагласи дека за Трамп е важно да најде заеднички интереси со Турција во поглед на претстојните претседателски избори. Исто така, нагласи дека САД ја промениле својата реторика од заканите предизвикани од одлуката на Турција да ги купи системите за противвоздушна одбрана S-400, до обидите за помирување.
„За САД, купувањето на Турција на S-400, секако претставува сериозен предизвик. Турција е втората армија во Северниот атлантски сојуз (НАТО). Во таква ситуација, неподготвеноста на Турција да соработува со САД дава причина за сомневање во доминантната улога на САД во светот“, јавува „РИА Новости“, додавајќи дека кога санкциите не дале резултати, Вашингтон се свртел кон преговори и помирување нудејќи му на Ердоган „привлечни договори“.
Днвениот весник „Комерсант“ (Kommersant) ја опиша посетата на Ердоган на САД како една од оние ретки меѓународни настани кои можат да предизвикаат вистински интерес за десетици главни градови одеднаш.
Нагласувајќи ја недоследноста на соработката на Вашингтон со Турција, весникот пишува дека САД честопати се менуваат меѓу различни тактики, вклучувајќи закани, ветувања и уцени.
Во весникот, исто така се наведени дилеми за можноста Трамп да ги исполни своите ветувања кон Анкара, бидејќи тој моментно е под закана од импичмент и во конфликт со Конгресот, чие одобрување е потребно за повеќето воени договори.
Рускиот официјален весник „Росијскаја газета“ (Rossiyskaya Gazeta) ја истакна и „контроверзната" американска политика кон Турција, укажувајќи на неподготвеноста на Вашингтон „да го признае правото на Анкара за независна надворешна политика“.
„Иако американскиот претседател има пријателски однос со неговиот турски колега, под притисок на американската елита, тој постојано беше принуден да презема остри мерки кон Турција“, пишува весникот, додавајќи дека американската војска и Конгресот биле „непријателски“ кон Ердоган.
Весникот, исто така, потсети на „агресивните напади“ против турскиот претседател, од страна на шефот на американскиот Комитет за надворешни работи, Елиот Ејнџел, што укажува на тоа дека дури и ако Трамп му дал предлози на Ердоган, не било очигледно дека тие би одговарале на пратениците на Капитол Хил.