АНКАРА (АА) - Бројот на заболени лица од дијабетес на возраст од 20 до 79 години се очекува да достигне 700 милиони до 2045 година, според последните истражувања на Меѓународната федерација за дијабетес (IDF), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Дијабетесот, еден од најбрзорастечките здравствени предизвици на 21 век, не почитува ниту социоекономски статус, ниту географски и национални граници, а бројот на возрасни кои живеат со оваа болест повеќе од трипати е зголемен во текот на изминатите 20 години.
Одбележувајќи го Светскиот ден на дијабетесот, АА дојде до податоци од најновото издание на Атласот за дијабетес на ИДФ, авторитативниот извор за глобалниот товар од дијабетесот, кој покажа дека едно од 11 лица на возраст 20 - 79 години има дијабетес.
Се проценува дека 463 милиони возрасни лица, кои сочинуваат 9,3 отсто од светската популација во оваа возрасна група, во моментов живеат со оваа болест.
Доколку тековните трендови продолжат до 2030 година, ИДФ предвидува зголемување од 10 отсто на бројот на лица со овој здравствен предизвик, на 578 милиони заболени лица од оваа болест.
За разлика од пред околу две децении, глобалната проценка за возрасните кои живеат со дијабетес изнесуваше 151 милион, што до 2009 година рапидно се зголеми за 88 отсто на 285 милиони лица.
Иако се проценува дека огромно мнозинство - околу 80 отсто - од луѓето со дијабетес живеат во земји со ниски и средни приходи, најновото издание на Атласот за дијабетес на ИДФ посочи дека две од три лица со ова заболување живеат во градски области.
Годишните глобални здравствени трошоци за дијабетес продолжуваат да растат секоја година и се предвидува да достигнат 760 милијарди американски долари во 2019 година, што е еквивалентно на 10 отсто од вкупните глобални здравствени трошоци.
Глобалните трошоци за борба против дијабетесот, исто така, се предвидува да достигнат 825 милијарди американски долари до 2030 година и 845 милијарди американски долари до 2045 година, покажува извештајот.
За жал, здравствената закана однесе многу животи. Во 2019 година досега, бројот на смртни случаи како резултат на дијабетес и неговите компликации достигна околу 4,2 милиони, се вели во извештајот.
- Што претставува дијабетесот?
Дијабетесот е долгорочно заболување кое се појавува кога панкреасот повеќе не е во состојба да создава инсулин - хормон што го регулира шеќерот во крвта - или кога организмот не може добро да го искористи инсулинот што го произведува, според Светската здравствена организација (WHO).
Постојат три главни типа на дијабетес:
Дијабетес тип 1 - претходно познат како инсулинозависен дијабетес - е предизвикан од автоимуна реакција во која имунолошкиот систем на организмот ги напаѓа бета-клетките што произведуваат инсулин на панкреасот и како резултат на тоа, телото произведува многу малку или воопшто не создава инсулин.
Симптомите, кои можат да се појават одеднаш, вклучуваат чести мокрења, прекумерна жед, постојан глад, слабеење, заматен вид, мокрење во кревет и недостиг на енергија.
Над 1,1 милион деца и адолесценти на возраст под 20 години живеат со дијабетес тип 1, според ИДФ.
Дијабетес тип 2 - претходно познат како инсулинозависен дијабетес - е најчестиот тип на дијабетес, и е резултат на неефективната употреба на инсулин во организмот, предизвикувајќи т.н. „инсулински отпор“, според СЗО.
Болеста главно е резултат на вишок телесна тежина и физичка неактивност.
Бидејќи симптомите на дијабетес тип 2 главно се помалку изразени, дијагнозата на болеста може да дојде неколку години по нејзиното започнување, предизвикувајќи здравствени компликации.
Гестацискиот дијабетес се карактеризира со високо ниво на гликоза во крвта или хипергликемија за време на бременоста.
Може да се појави во кое било време за време на бременоста - најверојатно по 24-тата недела - и обично исчезнува по бременоста.
Сепак, жените со ваков вид дијабетес имаат висок ризик од компликации за време на бременоста и породувањето, додека тие и нивните деца се исто така изложени на зголемен ризик од дијабетес тип 2 во иднина.
Околу 15,8 отсто или 20,4 милиони живородени деца се погодени од хипергликемија во бременоста во 2019 година
- Земји со највисок број на заболени од дијабетес –
Кина, Индија и САД се земји со најголем број лица заболени од дијабетес на возраст 20 - 79 години во 2019 година и се предвидува таа бројка да остане и во 2030 година.
Во меѓувреме, извештаите на ИДФ предвидуваат дека бројот на возрасни со дијабетес во Пакистан ќе ја надмине бројката во САД и ќе дојде на третото место до 2045 година.
Меѓународната федерација за дијабетес проценува дека во Турција околу 6,6 милиони возрасни (на возраст 20 - 79 години) живеат со оваа болест во 2019 година.
Во извештајот се предвидува дека Турција ќе има 10,4 милиони луѓе од истата возрасна група со дијабетес во 2045 година.
- Светски ден на дијабетес–
Светскиот ден на дијабетес почна да се одбележува во 1991 година од страна на ИДФ и СЗО како одговор на зголемената загриженост за ескалацијата на здравствената закана предизвикана од дијабетес.
Со усвојувањето на Резолуцијата, 14 ноември стана официјален ден на ОН во 2006 година и го одбележа роденденот на сер Фредерик Бантинг, кој го открил инсулинот, заедно со Чарлс Бест во 1922 година.