Husamedin Gina
17 Април 2019•Ажурирај: 18 Април 2019
СКОПЈЕ (АА) – Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), во соработка со Меѓународниот балкански универзитет и Здравствениот дом - Скопје, денес го одржа третиот модул од вкупно четирите модули на семинарите по дефектологија, јавува Anadolu Agency (AA).
Проф. д-р Бинјамин Биркан од Универзитетот „Бируни“ во Истанбул, кој е и образовен координатор во СОБЕ-фондацијата, истакна дека ова е средба за споделување на знаењата и искуствата со експертите, или со тие што ја започнуваат кариерата во областа на дефектологијата во Северна Македонија.
„Во овој момент не постои медицински третман за аутизам, но можеме да го подобриме квалитетот на животот на децата со аутизам со добро образование и научно базирани методи. Речиси 50 отсто од лицата со аутизам, благодарение на соодветна едукација, можат својот живот да го продолжат како и другите лица“, нагласи Биркан, додавајќи дека поголем број од тие деца имаат посебни способности, таленти, а со добри методи на обука тие способности можат да се откријат.
Професор Биркан, којшто има придонес во подготвувањето на целиот овој проект во Северна Македонија, говореше на темата „Проблеми во однесувањето и методи за справување“.
Тој, исто така, истакна дека тие, како Турција, сакаат да ги споделат сите нивни знаења и модерните техники на едукација во оваа област и да се солидаризираат во насока на подобрување на животот на лицата со аутизам.
Основачот и претседател на Управниот одбор на Фондацијата за аутизам „Анадолија“ во Турција, Нувит Ујар, потсети дека со помош на ТИКА, во Косово и во Северна Македонија организираат семинар по дефектологија, за едукација на лицата кои работат во оваа област.
„Ние, како стручни обучувачи на нашата фондација во моментот се наоѓаме во последната фаза од семинарот за аутизам, затоа сме многу среќни. Се надеваме дека оваа соработка ќе продолжи. Многу сме горди и возбудени што тука во братска Македонија ќе соработуваме со граѓанското општеството и со државата“, рече Ујар.
На третиот модул од семинарите по дефектологија, учествуваше координаторот на ТИКА - Скопје, Ајтекин Ајден, претседателот на Асоцијацијата на турски невладини организации во Северна Македонија (МАТУСИТЕБ), Хусрев Емин, поранешниот претседател на МАТУСИТЕБ, Тахсин Ибрахим, голем број дефектолози, наставници од предучилишна настава, психолози, педагози, терапевти, социјални работници, логопеди, студенти од областа и заинтересирани семејства.
Последниот модул ќе се одржи во месец мај, кога ќе се доделуваат и дипломи за учесниците во семинарот.
Семинарите по дефектологија во Северна Македонија кои се во организација на ТИКА, а во соработка со Меѓународниот балкански универзитет и Здравствениот дом - Скопје, започнаа во февруари месец оваа година.