Vesna Besiç
17 Април 2019•Ажурирај: 18 Април 2019
САРАЕВО (AA) - Десеттата меѓународна инвестициска конференција Сараево бизнис-форум (Sarajevo Business Forum - SBF) започна со воведните говори во зградата на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина (БиХ), а како и во сите претходни години, ги собра деловните и политичките лидери од регионот и светот, јавува Anadolu Agency (AA).
Тридневната Меѓународна инвестициска конференција Сараево бизнис-форум (Sarajevo Business Forum - SBF), ја отворија претседателот на Управата на „BBI Банка“, Амер Буквиќ, претседавачот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, претседателот на Словенија, Борут Пахор, потпретседателот на Турција, Фуат Октај, и премиерот на Владата на Малезија, Тун Махатир Мохамад.
„Прво собиравме проекти, а потоа работевме на нивна презентација и тоа на тој начин за да бидат разбирливи за вложувачите, во што соработуваме со локалните медиуми, а во соработка со меѓународните медиуми работевме за тие да ги известуваат вложувачите во Сараево, БиХ и Југоисточна Европа. Сето тоа е крунисано со собирот кој денес ја започнува десеттата година. Се работи за собир кој се одразува во партнерството меѓу приватниот сектор и владата. Составивме книга во која има 300 проекти кои ќе бидат презентирани во наредните три дена. Тука се проектите од областите енергетика, инфраструктура, ИТ-сектор, дрвна индустрија... Горди сме што успеавме да ги составиме тие проекти за презентација. Ова е собир со речиси 2.000 учесници. Секој СБФ беше најголем до сега, а денес е најголемиот 10. Сараево бизнис-форум. Тоа се гости од 50 земји. Регионот може да оди напред со фокус на економијата и вложувањето. Тоа е најдобро и единствено решение за нас“, наведе, меѓу останатото, Буквиќ.
Во улога на лидери во соработката и развојот со цел економски напредок на Форумот, меѓу останатите ќе зборуваат: Игор Црнадак, министер за надворешни работи на БиХ, Ахмет Давутоглу, поранешен премиер на Турција, Муџахид Јусуф Рава, министер за развој на претприемништвото на Малезија, Лахсен Дауди, министер во Владата на Кралството Мароко и Кемал Пуришиќ, министер за труд и социјална политика на Црна Гора.
На Конференцијата ќе се разговара и за можностите за надминување на предизвиците со кои се среќаваат бизнисмените од Југоисточна Европа, а своите експертски мислења ќе ги споделат Стјепан Месиќ, поранешниот хрватски претседател, Мохд Редзуан бин Мд Јусоф, министерот за развој на претпријатијата во Малезија, Шекиб Авдагиќ, претседателот на Истанбулската трговија, Иван Иванишевиќ, генералниот директор за мултилатерални прашања при Министерството за надворешни работи на Црна Гора, Свен Петке, директорот на Фондацијата „Конрад Аденауер“, Ѓерѓ Мура, извршниот директор на Фондацијата за Западен Балкан, како и многу други претставници на деловната и политичката сцена од светот и регионот.
Посебен акцент на овогодинешниот Форум ќе се стави и на темата одржлив развој, за кој воведна порака ќе даде Аднан Чилван, директорот на „Dubai Islamic Bank Group“ (DIB). На панелот за оваа тема потоа ќе зборуваат Кусама Каиси, генералниот директор на Исламската корпорација за обезбедување на инвестиции и извоз, Сандрине Фриша, претставничката на Европската инвестициска банка (EIB), и Мелиха Мухерина, проект-менаџерката на Центарот за европска перспектива на Словенија.
Изразувајќи интерес за соработка и инвестиции во регионот, на покана на организаторот одговорија бројни челници од светот на политиката, но и голем број делегации од земјите низ светот, меѓу кои и претставниците на стопанските комори од Турција, Северна Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Албанија, многубројни држави членки на ЕУ и големи политички и бизнис-делегации од Малезија и делегацијата на Бизнис-форумот на Исламската развојна банка (THIQAH), која носи голем број инвеститори од земјите на GCC (Советот за заливска соработка).
Во текот на тридневниот Форум ќе бидат организирани презентации на стопанствениците и спонзорите на Форумот и ќе се одржат деловни состаноци заради вмрежување на учесниците и развој на нови деловни можности.
„Посебно внимание ќе биде посветено на стопанските потенцијали на БиХ и целиот регион. Последниот ден од Форумот ќе бидат одржани финални презентации од натпреварите на младите во бизнис“, се соопштува од „BBI Банка“.
Глобален комуникациски партнер и оваа година е Anadolu Agency (AA).