Admir Fazlagic
11 Јуни 2016•Ажурирај: 12 Јуни 2016
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Македонија,Трајко Вељаноски денеска се обрати на Третата пленарна сесија на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа која се одржува на 10 и 11 јуни 2016 година во Софија, Република Бугарија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението од Кабинетот на Вељановски, тој во своето обраќање изрази благодарност до Националното собрание на Република Бугарија и претседателот Цецка Цачева, за успешното претседавање со Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, како и за одличната организиција на оваа Пленарна сесија.
„Процесот за соработка во Југоисточна Европа своите зачетоци ги влече од 1996 година, во иницијативата покрената на Состанокот на министрите за надворешни работи во Софија, под името Процес на добрососедство, стабилност, безбедност и соработка. Тој ја претставува најстарата и единствената сосема автохтона регионална иницијатива во Југоисточна Европа. За разлика од повеќето слични иницијативи, кои главно беа резултат на интервенцијата на надворешни фактори, ПСЈИЕ уште од самиот почеток претставува самостоен обид на земјите од Југоисточна Европа да ги организираат меѓусебните односи на мултилатерално ниво. Овој автентичен глас на регионот доведе до поголемо заедништво, помирување и враќање на довербата меѓу земјите од регионот, а низ годините прерасна во значаен форум за политички и дипломатски дијалог, во кој се вклучени сите држави на Југоисточна Европа", рече Вељановски во своето обраќање.
Тој истакна дека потребата за меѓупарламентарен дијалог меѓу земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа експлицитно е набележана во Повелбата за добрососедски односи, стабилност, безбедност и соработка во Југоисточна Европа од Букурешт, а поддршка на континуираната парламентарна соработка беше дадена и во финалните декларации на повеќе самити на ПСЈИЕ.
„ Денес со задоволство можеме да констатираме дека формирањето на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа донесе квалитативна нова фаза во продлабочувањето на парламентарната соработка во Југоисточна Европа, а Собранието претставува клучен фактор во зацврстувањето на стабилноста и унапредувањето на соработката во регионот. Верувам дека дополнителното зајакнување на ПС на ПСЈИЕ, преку формирање на Постојан секретаријат, уште повеќе ќе ја зајакне соработката меѓу националните парламенти на земјите-учеснички, како и соработката со Европскиот парламент и другите меѓупарламентарни собранија", истакна Вељановски, кој потенцираше дека отворените прашања во регионот треба да се решаваат низ дијалог.
„ Покрај политичките турбуленции кои ги доживува регионот, влијанието на глобалните промени во економијата и актуелната мигрантска криза предизвикуваат сериозни потешкотии кај сите земји, без исклучок. Економската соработка, инфрастуктурното и енергетското поврзување се клучни за иднината на регионот, а потребно е и да се фокусираме на солидарност за подобро решавање на мигрантската криза. Отворените прашања треба да се решаваат единствено низ отворен дијалог", рече Вељановски и додаде:
„Република Македонија и понатаму останува активен и конструктивен партнер во регионалното опкружување и силно е посветена на промоција на принципите на добрососедство и помирување во регионот. Се залагаме за продлабочена регионална соработка, поврзување на регионот преку развивање и модернизација на инфраструктурата, што би поттикнало зголемен економски развој, трговија и привлекување на странски инвестиции."
Меѓу другото Вељановски во своето обраќање подвлече дека е потребно надминување на сето она што попречува во развојот на регионалната соработка.
„Ние како парламентарци, мораме да го надминеме сето она што нe попречува во развојот на регионалната соработка и од "балканскиот" треба да преминеме кон "нордиски" менталитет, со најразвиени форми на меѓусебно разбирање и поддршка, во насока на унапредување на добрососедските односи", порача Вељановски.