Над 40.000 случаи на појава на карцином поврзан со работната средина пријавени во ЕУ во последната деценија
Во 2023 година биле регистрирани 3.500 случаи на „професионален карцином“, што е зголемување од 191 случај во споредба со 2022 година, кога биле пријавени 3.309 случаи.
БРИСЕЛ (AA) – Вкупно 40.538 случаи на карцином поврзан со работната средина биле регистрирани во Европската Унија меѓу 2013 и 2023 година, покажуваат податоците објавени денес од Евростат, јавува Анадолу.
Во 2023 година биле регистрирани 3.500 случаи на „професионален карцином“, што е зголемување од 191 случај во споредба со 2022 година, кога биле пријавени 3.309 случаи.
„Професионалните карциноми“ настануваат како резултат на долготрајно изложување на канцерогени фактори на работното место. Многу од нив се појавуваат дури децении по првичната изложеност – понекогаш и по повеќе од 40 години.
Податоците покажуваат дека годишните случаи во 2020 (3.094), 2021 (3.258) и 2022 (3.309) биле под просекот од 3.909 случаи годишно во периодот 2013–2019, што можеби го одразува влијанието на пандемијата со коронавирусот врз работните услови и здравствените услуги.
Според распоредот по типови карцином, карциномот на белите дробови и мезотелиомот сочинувале повеќе од 80 % од сите признати случаи на „професионален карцином“ од 2013 до 2023 година.
Биле забележани 16.499 случаи на карцином на белите дробови и 16.469 случаи на мезотелиом – редок тип карцином кој најчесто се поврзува со изложеност на азбест. Потоа следува карциномот на мочниот меур со 2.696 случаи.
Експертите предупредуваат дека овие податоци ја истакнуваат долгорочната опасност од ризичните работни услови и потребата од строги мерки за безбедност при работа за заштита на вработените од канцерогени изложувања.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
