Admir Fazlagic
31 Мај 2017•Ажурирај: 01 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - Народниот правобранител на Република Македонија, Иџет Мемети, денес одржа прес-конференција на којашто информираше за состојбата и предизвиците во остварувањето на правото на бегалците од Косово, кои веќе 18 години се наоѓаат во земјава и сѐ уште се без решен правен статус, јавува Anadolu Agency (AA).
„Овие лица живеат во тешки услови, без средства за егзистенција, без здравствена заштита, без можност за добивање матични броеви за нивните деца и остварување на нивните права. Меѓу нив има бегалци на кои Секторот за азил им издава документ со кој лицето е во фаза на т.н. суспендирано враќање. Документот со жолта боја е наречен „жолт картон“, со кој на лицата им се одложува враќањето во матичната земја, а со што истовремено им се ограничува пристапот и остварувањето на сите права во Македонија, иако станува збор за лица кои треба да уживаат меѓународна заштита“, рече народниот правобратенител Мемети, говорејќи за состојбата на бегалците од Косово кои се во Македонија.
Народниот правобранител информираше дека поради ваквата лоша состојба, лицата бегалци се обратиле до народниот правобранител. Тој посочи дека шест случаи се добиени од Здружението Млади правници и дека се работи за шест деца.
„Се работи за деца кои немаат права затоа што не им се издаваат матични броеви, а тоа се коси со Конвенцијата за заштита на правата на детето“, рече Мемети.
Појаснувајќи ја преку конкретен пример состојбата со бегалците од Косово во Македонија, Народниот правобранител го наведе случајот на самохрана мајка на четири деца која во 1999 година, кога имала 13 години, заедно со семејството (татко, мајка, три сестри и двајца браќа) избегале од Косово и побарале престој во Македонија.
На почетокот имала статус на лице со хуманитарен третман, а потоа лице под супсидијарна заштита. Од 2011 година е лице исклучено од правото на азил во Македонија, и во секое време може да биде вратена во Косово заедно со четирите деца родени во Македонија.
Одбиено ѝ е барањето за азил, со образложение дека претставува опасност за државата. Повеќе години води судски постапки со цел да докаже дека е интегрирана во Македонија и дека е најдобро да остане со семејството во Македонија. Децата на И.Б се без матичен број и го следат статусот на мајката. Со години не остварува социјална помош, барањето ѝ се одбива затоа што две од четирите деца на И.Б. немаат матични броеви од книгата на родените. Семејството е сместено во социјален стан каде што живее во тешки услови.
Народниот правобранител истакна и дека според УНХЦР, од вкупно регистирани 605 лица бегалци од Косово, 154 се со т.н жолти картони, со одбиени барања за право на азил и со прекинат статус на супсидијарна заштита. Тој истакна дека на овие лица единствено им помага УНХЦР, Здружението на млади правници и Црвениот крст на Град Скопје.
„Една третина од нив се деца кои мора и треба да уживаат посебна заштита“, рече Мемети.
„Истражувајќи ги проблемите на бегалците од Косово, од Високиот комесаријат добивме бројка дека 159 лица имаат жолт картон, од Млади правници, кои ги застапуваат во судовите, дека 140 се со таков статус кој е надвор од законот, а од МВР добиваме бројка дека со таков статус се само 14 лица. Сметаме дека овие податоци се загрижувачки“, истакна Мемети.
Според Центарот за интеграција на бегалци и странци во рамките на Министерство за труд и социјална политика, 499 лица барале признавање на правото на азил во Македонија. Дел од бегалците се сместени во станбени единици, односно во социјални станови, а дел живеат во изнајмени куќи.
Поради тешката состојба во којашто се наоѓаат бегалците од Косово кои престојуваат во Република Македонија веќе 18 години, народниот правобранител Мемети рече дека Владата и органите сериозно треба да пристапат кон ова прашање, со цел на овие лица да им се обезбеди пристап до правата, и наведе неколку препораки.
„Потребно е да се донесе Стратегија за интеграција на бегалците и странците, со цел ефикасна поддршка за интегрирање во Македонија, да се создаде дополнителна законска рамка за уживање на права на лицата со т.н. жолт картон, чиј престој се толерира повеќе години, да се направи сеопфатна анализа на прописите од областа на азилот и привремената заштита, државјанството, упис во матичната книга на родени, стекнување со матичен број, Закон за странци и друго, со цел да се создадат правни претпоставки за целосна интеграција на овие лица и уживање на права“, препорача Мемети.