Admir Fazlagic
16 Ноември 2017•Ажурирај: 16 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) – Вечерва во Скопје во оранизација на мрежа на невладини бошњачки организации во Македонија се одржа панел дискуција на темата „Образование на босански јазик, да, како и каде?" на која учесниците истакнаа дека за унапредување на употребата на босанскиот јазик во образованието и официјалните институции во Република Македонија е потребен системски пристап со кој јасно би се одредил делокругот на сите организации кои се занимаваат со ова прашање, јавува Anadolu Agency (AA).
Ален Калајџија, директор на Институтот за јазик од Сараево говореше за едукација на наставниот кадар во настава на босански јазик. Тој рече дека институцијата којашто тој ја претставува со години наназад спроведува проекти за зачувување на босанскиот јазик. Калајџија истакна дека тие даваат поддршка на босанско-херцеговското иселеништво во поширокиот регион и во Европа.
„Ние тоа го правиме затоа што тоа е нашата стручна и морална обврска а од друга страна сме свесни каква е ситуацијата со босанскиот јазик", рече Калајџија на дебатата.
Говорејќи за мерките кои би требало да се преземат во делот на зачувување и афирмација на босанскиот јазик како и негово унапредување тој посочи дека треба да постои добра организираност и координација на сите субјекти коишто работат во сферата на зачувување и унапредување на босанскиот јазик.
„Мора јасно и прецизно да се одреди делогругот на сите организации кои учествуваат во реализација на она што се однесува на учење на промовирање на мајчиниот јазик. Да се пристапи кон системско решавање на проблемот, затоа што кога ќе пристапите во системот и кога државата ќе ве препознае многу е полесно", истакна Калајџија.
Меѓу другото тој нагласи и дека лицата кои го знаат добро својот мајчин јазик покажуваат подобра интеграција во општеството, а тоа не значи асимилација.
Исмаил Демировиќ, советник во Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на заедниците во Македонија рече дека повеќе од една деценија се работи на унапредување на босанскиот јазик во образованието, но дека тоа претставува макотрпен процес при што истакна дека моментално кај релевантните институции посебно Министерството за образование постои желба за унапредување на босанскиот јазик во образованието.
Џелал Хоџиќ, заменик директор на Агенцијата за унапредување на правата на заедниците во Република Македонија рече дека не се сложува со тезата дека во Република Македонија не постои квалификуван кадар којшто е потребен за унапредување на босанскиот јазик во Република Македонија, како и дека сега постои добра општествено-политичка клима за решавање на проблемите на босанскиот јазик во образованието во земјата.
Изет Реџиќ, претседател на Родителскиот одбор на основното училиште „Дитуриа" во Љубин, во скопската општина Сарај каде што се изучува босанскиот јазик нагласи дека на Бошњаците во Република Македонија не им е потребно да го изучуваат јазикот и културата на Бошњаците, како експериментален предмет, туку дека е потребно босанскиот јазик од експериментално ниво, да премине на редовно ниво на изучување во училиштата каде најголем дел од учениците се Бошњаци.
Реџиќ посочи дека не се сложува со забелешките од институциите дека во Македонија нема соодветен кадар за изучување на босанскиот јазик во основното образование.
На крајот, учесниците на дебатата за унапредување на босанскиот јазик потсетија дека премиерот на Република Македонија Зоран Заев неодамна во медиумите изјави дека од први септември 2018 година, комплетно ќе биде реализирана наставната програма на босански јазик во основните училишта, којашто досега се одвиваше на експериментално ниво со години наназад.
Во изминатите години, бошњачките граѓански организации во Република Македонија имаа неколку иницијативи со коишто бараа унапредување на употребата на босанскиот јазик во образованието, односно експерименталната програма по босански јазик во основните училишта којашто трае повеќе години, да се унапреди во редовна настава на босански јазик во училиштата во кои најголем дел од учениците по етничка припадност се Бошњаци.