Mara Dragovic
31 Мај 2017•Ажурирај: 01 Јуни 2017
БЕЛГРАД (АА) - Александар Вучиќ денес стапи на функцијата претседател на Србија со положување заклетва во Народното собрание, јавува Anadolu Agency (АА).
Вучиќ во српското Собрание, на Уставот на Србија и на Мирославовото евангелие се заколна дека сите свои сили ќе ги посвети за зачувување на суверенитетот и целовитоста на територијата на Република Србија, вклучувајќи го и Косово и Метохија како нејзин составен дел, како и за остварување на човековите и малцинските права и слободи, почитувањето и одбраната на Уставот и законите, зачувување на мирот и благосостојбата на сите граѓани на Република Србија, и дека совесно и одговорно ќе ги исполнува сите свои обврски.
- Чување на интегритетот на Србија, разговори со косовските Албанци -
По положувањето на заклетвата, интонирана е химната на Србија, а Вучиќ прво му се заблагодари на досегашниот претседател, Томислав Николиќ, за тоа што ја поддржуваше политиката на Владата којашто ја предводеше.
„Научив пред овој висок дом да ја изнесувам програмата за работата на Владата, обемна и сеопфатна, а денес, во согласност со традицијата на оваа свеченост, ќе изнесам неколку назнаки, начела, принципи и законитости до кои ќе се придржувам за време на траењето на мандатот, настојувајќи за тоа време да се променам и самиот јас, и Србија, и во тоа доволно да го охрабрам секој нејзин граѓанин, за таа да стане подобра, посилна, побогата и посреќна земја, и сите ние позадоволни и пореализирани луѓе. Тоа е голема работа, знам многу добро, за цели генерации, но исто така знам дека некој мора да почне, мора да зачекори, да го презеде врз себе тој прв залет кон иднината, првиот скок преку опасната провалија, и дека тој некој во сето ова нема право да се занимава ниту со својата судбина, ниту со каква било лична корист, туку мора да поднесе многу свесна жртва за народот и за државата“, рече меѓу другото Вучиќ во говорот по полагањето на заклетвата.
Тој додаде дека ќе го чува интегритетот на Србија, но дека секогаш ќе ги прифаќа разговорите со косовските Албанци, бидејќи со тоа, како што рече, се чува и се брани мирот.
„Подобро е мене да ми биде тешко, понекогаш да се чувствувам и понижен, но е многу поважно Србија да не биде понижена и луѓето во нашата земја да имаат мир и спокојство“, рече Вучиќ, а неговиот говор пратениците често го прекинуваа со аплауз.
Новоименуваниот претседател на Србија истакна дека сака да ги поправи односите со Хрватска, да ја унапреди соработката со Босна и Херцеговина, Албанија, Македонија, Црна Гора, но и со Унгарија, Романија, Бугарија.
- Приврзаниците на Српската напредна партија пред Собранието -
На свеченоста, покрај Томислав Николиќ, присуствуваа и поранешните претседатели на Србија Милан Милутиновиќ и Зоран Лилиќ, претседателот на Република Српска, Милорад Додик, партијархот на Српската православна црква Иринеј, претсетавници на Исламската заедница на Србија, како и претставници на Владта на Србија и дипломатскиот кор.
Пред чинот на положувањето заклетва пред Собранието на Србија се собраа повеќе ијлади приврзаници на Српската напредна партија, со цел да му дадат поддршка на Вучиќ при преземањето на новата функција, којашто ќе ја извршува во наредните пет години.
Денес, околу 18 часот, на Плоштадот на Републиката во Белград ќе се одржи и митинг на противниците на српскиот претседател на кој своите приврзаници ги повикаа Движењето на слободни граѓани на Саша Јанковиќ, Вук Јеремиќ и Борис Тадиќ.