Soner Kılınç
12 Мај 2019•Ажурирај: 13 Мај 2019
УШАК (АА) - СОНЕР КИЛИНЧ -
Благодарение на ефикасниот систем на заштита, во басенот на браната Адиѓузелер, сместен во подрачјето на местото Улубеј, во областа Ушак, бројот на големиот корморан (Phalacrocorax carbo) е рекордно зголемен на 800 примероци, додека бројот на сивата чапја (Ardea cinerea) достигна бројка од 200 примероци, пишува Anadolu Agency (AA).
Басенот на браната Адиѓузелер, кој се нарекува и „Скриен рај“, го привлекува вниманието, благодарение на својата природна убавина, а со доаѓањето на пролетта е исполнет со џивкањето од птичјите гнезда.
Во басенот на браната Адиѓузелер живеат приближно 45 видови птици, и благодарение на преземените мерки за заштита, забрзано расте бројот на птиците.

Хусеин Текин, подрачниот директор на Агенцијата за заштита на природата и националните паркови на Ушак, за АА изјави дека особено во пролетните месеци подрачјето непрекинато се следи и се отстрануваат сите негативни појави кои би можеле да ги вознемират птиците во периодот на размножување.
Истакнувајќи дека на стотици новородени птици се обидуваат да опстанат во живот во гнездата поставени на боровите дрвја на стрмните падини околу езерото, Текин рече:
„Ова подрачје кое е именувано и како Скриениот рај, е домаќин на поголем број видови птици, но интересен е фактот дека се зголемува бројот на птиците од видовите сива чапја и голем корморан. Птиците кои во овој басен дојдоа пролетва, на дрвјата кои се издигнуваат на стрмните падини изградија гнезда кои гледаат кон езерото, со тоа станувајќи вистински сопственици на просторот.“
Текин информираше дека според пребројувањата од претходните години, во басенот имало 600 примероци на голем корморан и 150 примероци на сива чапја, истакнувајќи дека годинава е забележано дека бројот на примероците на големиот корморан изнесува 800, додека избројани се 200 примероци од сива чапја.

- „Спроведување сериозни активности за да не го напуштат подрачјето“ -
Текин рече дека во тек е броењето на активните гнезда, додавајќи дека во секое гнездо има две или повеќе новородени птици. „Спроведуваме многу сериозни активности за птиците да не го напуштат подрачјето. Не дозволуваме да дојде ниту до најмала негативна појава на подрачјето кое е ставено под заштита, со цел да се врши следење на биолошката разновидност“, истакна Текин.
Подрачниот директор на Агенцијата за заштита на природата и националните паркови на Ушак, Текин, рече дека птиците своите гнезда не ги прават на дрвјата во горниот дел на стрмните падини кои се подложни на ветер, туку дека избираат гнездата да ги постават на дрвјата на стрмните падини недалеку од брегот, додавајќи дека во Турција не постојат многу подрачја кои се карактеризираат со таквиот релјеф.
Според Текин, подрачјето на басенот на браната Адиѓузелер претставува вистинско богатство за набљудувачите на птици и фото-ентузијастите.