Senada Ibraimova
21 Октомври 2016•Ажурирај: 21 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) – На свечена церемонија со сечење лента, денес во Скопје се одржа отворање на независното здружение на бизнисмени и индустријалци од Турција (МУСИАД), со цел создавање мрежа што ќе ги поврзе бизнисмените од Македонија и Балканот, јавува Anadolu Agency (AA).
МУСИАД, која дејствува во 66 држави со 169 контакт-центри и има над 11 илјади членови, претставува над 46 илјади реномирани компании во светот. Ова здружение, кое има за цел да ги обедини бизнисмените и индустријалците од цел свет, успеа да ја прошири својата мрежа со отворање нови филијали во Вашингтон, Пекинг, Брисел, Париз и Цирих, а сега и во Скопје.
На денешното отворање, претседателот на МУСИАД, Наил Олпак, рече дека мисијата на МУСИАД во Македонија и нејзиниот приоритет ќе биде придонес во зајакнувањето на капацитетите на самата филијала овде, а подоцна преку проекти со помош на другите филијали, да придонесе во организирањето успешни проекти коишто ќе помогнат во развојот на државата.
„Факт е дека МУСИАД е едно здружение на турски бизнисмени со генерално седиште во Истанбул, меѓутоа нашата цел и нашата мисија нема да биде насочена само кон турските бизнисмени, туку овде ќе има еден сеопфатен пристап до сите претставници на бизнис заедницата“, истакна Олпак.
Министерот без ресор на владата на Р. Македонија, задолжен за странски инвестиции, Бејџан Илијас, во својот краток говор упати честитка за отворањето на една ваква филијала во Македонија, и рече дека тој како министер одговорен за странски инвестиции ќе ја даде својата безрезервна поддршка во идната соработка.
Претставникот на МУСИАД за Македонија, Билал Кара, во своето обраќање до присутните рече дека отворањето на оваа филијала е чекор за зближување на двете пријателски држави, Турција и Македонија, што според него, ќе придонесе за подобрување на и онака добриот економски однос.
„МУСИАД ќе работи на зголемување на соработката, вработувањата и инвестициите во Македонија и во регионот. Македонија се наоѓа во срцето на Балканот и од тој аспект претставува стратешки елемент во односите на Турција со сите балкански држави“, нагласи Кара во својот говор.
Амбасадорот на Турција, Омур Шолендил, чиј мандат истекува овој месец, во своето обраќање истакна дека меѓу двете држави постои една силна врска, која произлегува од историјата, и додаде дека Турција секогаш ја поддржува евроатланската перспектива на Македонија и тоа ќе продолжи да го прави и во иднина.
Здружението МУСИАД е основано во Истанбул, на 9 мај 1990 година, од страна на група бизнисмени, со цел да придонесат за силна правна и економска држава, каде што во мир и спокој се почитуваат општествените и светските вредности.