Besar Ademi
20 Октомври 2016•Ажурирај: 21 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) – Денес и утре, Скопје ќе биде регионален центар каде што над 250 гости од земјата и од странство ќе ги следат дискусиите на петтиот традиционален Самит „Македонија 2025“ за економскиот напредок на Македонија според мерниот индекс составен од овој самит во соработка со глобалната компанија „Меккинзи”, јавува Anadolu Agency (AA).
На дводневниот самит, присутните ќе имаат можност да слушнат за најновите светски трендови во бизнисот, инвестициите, финансиите, лидерството, иновации и технологии од над 40 говорници кои ќе зборуваат за поттикнувањето на економскиот развој.
За првпат на овој самит ќе биде претставена и програмата на Европската агенција за животна средина и можностите приватниот сектор да се вклучи во нивните истражувања. Ќе бидат претставени и најновите светски технолошки достигнувања, како емоционалното инженерство, теле-здравје и развојот на интелегентната комуникација меѓу машините.
Директорот на секторот за земјиште при Европската агенција за животна средина (European Environmental Agency – Germany), Марко Бутковиќ, истакна дека е важно Македонија да се придружи во оваа агенција и дека првично треба да се одвива еден формален процес.
Во исто време, на Самитот ќе се дебатира и за стабилноста и можноста да се користат обновливите извори на енергија според примерот на нордиските земји, коишто планираат 100-процентно снабдување со одржлива енергија.
На оваа тема, советничката на платформата „Нордик енерџи рисрч“ – Нордискиот совет на министрите, Карина Барнхолт Клепер, истакна дека потенцијалите на Македонија за енергетски извори се големи. Истакнувајќи ги предностите на Македонија, таа рече дека Македонија има една заедничка мрежа во регионот, што претставува добра можност да се развијат енергетските извори.
„Македонија има хидроелектричен потенцијал и поголемиот дел од енергијата доаѓа од овој извор. Започнавме производство на енергија од ветер во Богданци. Без сомнение, оваа земја има потенцијал од сонцето, имате планини и депонио од коишто може да се искористи биомасата и да се претвори во биогориво“, изјави Клепер.
Во рамките на овој самит се вклучени неколку платформи за пренесување на знаењата од областа на бизнисот, управувањето и иновациите. Ќе се зборува и за кружната економија, термин што ја одбележува револуцијата во индустрската економија преку намалување на отпадот и избегнување на загадувањето. Експертот од ЕУ ќе зборува за трансформацијата на градовите во паметни градови по примерот на неколку европски центри.