Ivana Ramadanova
18 Мај 2016•Ажурирај: 18 Мај 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во Министерството за надворешни работи на Република Македонија денеска се одржа традиционалниот дипломатски брифинг за активностите на Регионалната иницијатива за азил, бегалци и миграција – МАРРИ, јавува, Anadolu Agency (AA).
Според организаторите, целта на дипломатскиот брифинг е да се презентираат реализираните активности, како и да се претстават плановите за развој на Иницијативата.
Пред присутните се обрати министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој истакна дека МВР како извршно тело кое одблиску работи на проблематиките кои ги опфаќа МАРРИ посебно се гордее на оваа активност бидејќи тоа е доказ дека регионот знае да комуницира, да соработува и да дава придонес во одржувањето на стабилноста.
„Сите позитивни примери ќе мора да имаме политичка волја да ги вградиме, и тоа што зависи од нас за членство во ЕУ да го направиме, да не бараме секогаш изговори дека некој друг е виновен зошто Република Македонија не оди напред и зошто од една причина, оддалечувањето од ЕУ и НАТО интеграциите, да се зголемува од година во година, притоа не можејќи да погледнеме во огледало како ние придонесуваме за зголемувањето на причините кои се препрека на патот кон европските интеграции”, изјави Спасовски.
Презентирајќи ги реализираните активности и планови за развој на Иницијативата, директорката на МАРРИ Регионалниот Центар, Тамара Мугоша, истакна дека се постигнати добри резултати во реформата на оваа Иницијатива за таа да стане посилна и поодговорна за постоечкиот контекст на миграциската криза.
„Го засиливме партнерството со други регионални организации и добивме посилна техничка и финансиска поддршка од меѓународната заедница. На овие прашања МАРРИ ќе работи и во наредниот период имајќи предвид дека миграциската криза не е краткотрајна и сите земји во поголема или помала мерка имаат потреба од поддршка во третирањето на прашањата кои се однесуваат на миграциите, азилот и бегалците”, изјави Мугоша.
На традиционалниот дипломатски брифинг за активностите на Регионалната иницијатива за азил, бегалци и миграција – МАРРИ, присуствуваа претставници од дипломатскиот кор, меѓународните организации присутни во Република Македонија, како и претставници од институциите кои имаат ингеренции во областа на миграциите.