Furkan Abdula
23 Април 2017•Ажурирај: 24 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Денеска во Скопје, во Македонската опера и балет (МОБ), со различни активности на учениците од основните училишта во кои наставата се одвива на турски јазик, беше прославен 23 април, Национален ден на суверенитетот на Турција и Ден на детето, јавува Anadolu Agency (AA).
Во организација на Културно-уметничкото друштво „Јени јол”, учениците од основните училишта „Тефејуз”, „Јашар Беј”, „Петар Здравковски-Пенко” и Мустафа Кемал Ататурк пеејќи песни, читајќи поезија, играјќи фолклорни игри и театарски перформанси ја одбележаа 97. годишнината на прославувањето на 23 април, Националниот ден на суверенитетот на Турција и Денот на детето.
На свечениот настан покрај амбасадорката на Република Турција во Македонија Тулин Еркал Кара, учествуваа македонските министри Бејџан Илјас и Неждет Мустафа, претставници на турски институции и организации во Македонија, преставници на невладини организации од Македонија и голем број граѓани на Скопје. Прославата на празникот 23 април започна со интонирање на химната на Турција.
Претседателот на културно-уметничкото друштво „Јени Јол”, Салаетин Зекир истакна дека прославата на 23 април е со цел и во Македонија да се почувствува возбудата која овој празник го предизвикува во Република Турција и посака прославата да стане традиција и во земјава.
Од друга страна, своите најискрени желби и честитки до децата по повод 23 април ги упати и амбасадорката на Република Турција во Република Македонија, Кара, честитајќи им ја 97.годишнината на Националниот ден на суверенитетот на Турција и Денот на детето.
За време на прославата учениците од основните училишта во објектот на МОБ создадоа весела атмосфера пеејќи песни, рецитирајќи поезија, играјќи фолклорни игри и прикажувајќи театарски перформанс.