Fatjon Cuka
23 Април 2017•Ажурирај: 24 Април 2017
ТИРАНА (АА) - Директорот за јавен ред и безбедност при Генералната полициска дирекција на Албанија, Алтин Чато, осврнувајќи се на соопштението на Демократската Партија на Албанија дека на 24 арпил ќе организира јавен протест, каде можат да бидат блокирани некои главни национални улици во неколку градови, потврди дека Албанската државна полиција не дала одобрение за одржување на овој протест, јавува Anadolu Agency (AA).
Чато во неговата изјава за медиумите нагласи дека ваква одлука е донесена во согласност со законот „за собири“, кој, според него, вели: „Кога постои мотивирана причина дека одржувањето на еден собир на плоштад или на една јавна пешачка зона претставува вистинска опасност за националната безбедност, за јавната безбедност, за спречување на криминалот, за заштита на здравјето или моралот, или за заштита на слободата или правата на другите лица, и овој ризик не може да се спречи со помалку рестриктивни мерки, шеф на полицискиот комесаријат може да го спречи одржувањето на собирот или да одлучи за времето и местото на одржување на митингот.“
Тој додаде дека одржувањето на протестите или другите собири на главните национални улици, блокирајќи го движењето на луѓето, претставува сериозно нарушување на јавниот ред.
„Одржување на овој протест тешко го нарушува јавниот ред и јавната безбедност, исто така јасно им штети на интересите на граѓаните. Затоа, Државната полиција ги повикува сите граѓани да не учествуваат во овој незаконски протест и протест со голем ризик за редот и безбедноста. Државната полиција апелира до граѓаните за да не потпаѓаат на повиците чија цел се хаос, конфликт, дестабилизација“ истакна Чато, предупредувајќи дека ќе бидат преземени мерки за оние кој, според него, го нарушуваат јавниот ред.
Инаку, Демократската партија на Албанија, соопшти дека утре од 11:00 до 12:00 часот ќе одржи протест, во рамките на парламентарниот протест и бојкот кои го започнале опозициските партии од 18 февруари оваа година. Реакцијата на полиција е како мерка против можноста за блокирање на патиштата од страна на демонстрантите.