Ömer Aydın
07 Јули 2017•Ажурирај: 08 Јули 2017
ПАРИЗ (АА) - Комитетот за светски наследства при Oрганизацијата за oбразование, наука и култура на Обединетите нации (УНЕСКО), го стави стариот град кој се наоѓа во палестинскиот град Хеброн, во кој е вклучен и Харем-и Ибрахим, на Листата на светски наследства како „загрозено светско наследство во Палестина“, јавува Anadolu Agency (AA).
На 41. Генерално собрание на Комитетот на УНЕСКО за светски наследства, одржано во полскиот град Краков, се гласаше за додавање на Листата на светски наследства и да се заштити стариот град, како и Харем-и Ибрахим кои се наоѓаат во градот Хеброн на Западниот Брег.
Не беше прифатена иницијативата на израелскиот претставник гласањето, кој досега беше отворено и се гласше со кревање рака, да биде тајно и да се гласа во плик.
Со 2 гласа „против“ и 12 гласа „да“, стариот град во Хеброн, во кој е вклучен и Харем-и Ибрахим, е додаден на Листата на светски наследства како „загрозено светско наследство во Палестина“. Шест земји беа воздржани.
Со оваа одлука УНЕСКО ги одби тврдењата дека Израел има право над Харем-и Ибрахим во градот Хеброн, кој се наоѓа на окупираниот Западен Брег.
Постојаниот претставник на Израел во УНЕСКО, Кармел Шама-Хакохен, даде иницијатива гласањето да биде тајно, врз основа на тоа дека на земјите кои ќе гласаат можат да влијаат други земји.
Комитетот на УНЕСКО за светското наследство во вторникот ги одби тврдењата дека Израел има суверено право над џамијата Ал Акса и околината, и со тоа го прифати предлог-законот со којшто се опфатени илегалните ископувања. Во оваа одлука беше наведено дека Изаел е „окупаторска сила“.
Членови на Комитетот на УНЕСКО за светски наследства се Турција, Ангола, Азербејџан, Буркина Фасо, Хрватска, Куба, Финска, Индонезија, Јамајка, Казахстан, Кувајт, Либан, Перу, Филипини, Полска, Португалија, Јужна Кореја, Тунис, Танзанија, Виетнам и Зимбабве. Членовите на Комитетот се избираат за мандат од шест години, од страна на Генералното собрание.