Mahmoud Barakat
07 Јули 2017•Ажурирај: 08 Јули 2017
ДОХА (АА) - Саудиска Арабија, ОАЕ, Бахреин и Египет денес го изразија своето големо изненадување во врска со „неоправданото одбивање“ на Владата на Катар да ги исполни 13. барања од листата, јавува Anadolu Agency (AA).
Во заедничко соопштение, четирите земји (кои минатиот месец ги здружија силите за да стават ембарго на Катар), ветија дека ќе преземат дополнителни мерки против Доха во соодветно време.
Блокот од четири нации ја издадоа изјавата по официјалниот одговор на Катар за нивните барања, преку кувајтскиот емир, шеик Сабах ал-Ахмад ал Џабер ал Сабах, кој се обиде да посредува во кризата претходно во текот на оваа недела.
„Непопустливоста на катарската Влада и нејзиното одбивање на нашите барања го изразува степенот до кој таа (Доха) е поврзана со терористичките организации и понатаму се обидува да ја саботира и да ја поткопува безбедноста и стабилноста на Заливот и на регионот, и да им штети на интересите на луѓето од регионот, вклучувајќи го и братскиот народ на Катар“, се вели во соопштението.
Во средата, катарскиот министер за надворешни работи Мохамед бин Абдулрахман ал Тани ја одби листата на барања, за којашто рече дека е еднаква на повик кон Доха да го предаде својот суверенитет.
Тековната криза во внатрешните односи на арапските земји кулминираше на 5. јуни, кога Саудиска Арабија, ОАЕ, Бахреин, Египет и Јемен ги прекинаа своите дипломатски односи со Доха, обвинувајќи ја земјата дека се меша во нивните внатрешни работи и ги поддржува терористичките групи.
Мавританија набргу потоа постапи по нивниот пример, а пак Јордан ја сведе на пониско ниво својата дипломатија во Доха.
Саудиска Арабија, исто така, ја запечати својата копнена граница со Катар, географски изолирајќи ја малата заливска нација.
Доха ги негира обвинувањата за поддршка на тероризмот, опишувајќи ги ваквите чекори како неоправдани и дека го прекршуваат меѓународното право.