Rahmi Gündüz
27 Септември 2016•Ажурирај: 28 Септември 2016
ПАРИЗ (АА) - Во рамките на глобалната кампања за поддршка на борбата против карцином на дојка, симболот на Париз, Ајфеловата кула, синоќа беше осветлена во розова боја, јавува Anadolu Agency (AA).
На кулата е прикажана и розова панделка, која стана симбол на борбата против карцином на дојка.
Во Франција, 23 години по ред се обележува кампањата за поддршка на таа борба, а покрај Ајфеловата кула, синоќа во розова боја светеше и највисоката зграда во таа земја, кулата Монтпарнас.
Организаторите најавуваат дека со пригодни манифестации, во текот на октомври и понатаму ќе се истакнува важноста на борбата против карциномот на дојка.
Меѓу стотината туристи кои синоќа се собраа во центарот на Париз беше и Американката Мери Малвинсон, која за АА изјави дека и таа имала карцином на дојка, кој го победила.
„Ова е посебен ден за мене. Сите членови на заедницата мораат да го дадат максимумот за да ги поддржат истражувањата поврзани за лекувањето на карциномот на дојка“, порача Малвинсон.
Годишно од карцином на дојка заболуваат во просек околу 50.000 жени, а таа болест е најчеста причина за смрт на жените на возраст од 35 до 65 години.