Ekipa
12 Април 2017•Ажурирај: 13 Април 2017
ДЕРА (АА) - Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад утринава повторно извршија воздушни напади со разорни барелни бомби игнорирајќи ги претходните предупредувања на властите на САД дека воено ќе интервенираат во случај на употреба на тие проектили, јавува Anadolu Agency (AA).
„Хеликоптерите на режимската војска утринава, на подрачјето на градот Дера фрлија вкупно осум барелни бомби. Нападот е извршен на подрачјето под контрола на опозициските сили и причинета е голема материјална штета на објектите“, изјави за АА Мухамед ал Зуз, претставник на цивилната заштита во овој град во јужна Сирија.
Зуз истакна дека силите на режимот на Асад и неговите руски сојузници од почетокот на месецот извршуваат жестоки напади на Дера, и дека досега на тој град се фрлени најмалку 78 барелни бомби.
Силите на Асад на 4. април извршија воздушен напад со хемиско оружје во Идлиб и убија најмалку 100 цивили, по што со наредба на претседателот Доналд Трамп, американската војска изведе артилериски напад на воздушната база во Хомс, што беше прв американски напад врз позициите на Асадовите сили во Сирија.
Властите на САД предупредија дека претседателот Трамп повторно жестоко ќе одговори во случај силите на режимот на Асад да ги повторат нападите со хемиско оружје или со разорни барелни бомби.
Според извештаите на Сириската мрежа за човекови права (SNHR), силите на сирискиот режим за првпат ги користеле барелните бомби во напад во Идлиб на почетокот од март 2012 година. Само во изминатите две години, силите на Асад на подрачјата под контрола на силите на сириската опозиција фрлија речиси 32.000 проектили. Во тие напади се убиени речиси 3.000 цивили.