Kasım İleri
14 Март 2017•Ажурирај: 15 Март 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Американските медиуми тврдат дека претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, во јануари оваа година ѝ дал овластување на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) да врши воздушни напади со беспилотни летала, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Волстрит журнал“, кој се повикува на одредени претставници на САД, објави дека по доаѓањето на власт, Трамп ги укина ограничувањата од периодот на Барак Обама во врска со паравоените aктивности на ЦИА.
Се наведува дека Трамп ѝ дозволил на ЦИА да врши воздушни напади со помош на беспилотни летала во Сирија и во други земји.
ЦИА ова овластување за првпат го искористи во февруари, и тоа во Сирија, во акцијата за неутрализација на еден од лидерите на Ал-Каеда, Абу Хани Ал Mасри, тврди американскиот весник „Волстрит журнал“.
Веста за смртта на Mасри беше објавена претходно, но тогаш од Пентагон беше негирано дека САД го извршиле тој напад и дека не е можно да се потврди смртта на лидерот на терористичката организација.
Се очекува дека освен во областа на Сирија, ЦИА може да ги користи беспилотните авиони за воздушни напади на подрачјето на Јемен, Сомалија и Авганистан.
Белата куќа, Пентагон и ЦИА не се огласија во врска со тврдењата на медиумите.
За време на владеењето на Барак Обама, овластувања за напад и бомбардирање имаа само воените сили, додека на ЦИА ѝ беше дозволено да користи беспилотни летала за да собира информации.