Bayram Altuğ
14 Март 2017•Ажурирај: 14 Март 2017
ЖЕНЕВА (АА) – Специјалниот известувач на Обединетите нации (ОН) за човекови права, Јанги Ли, соопшти дека добива смртни закани. Таа во светот е позната по тоа што постојано на дневен ред ги поставува прашањата во врска со извршените убиства врз араканските муслимани во Мјанмар и прекршувањето на човековите права, јавува Anadolu Agency (AA).
„Араканските муслимани не се прифатени како етничко малцинство. Поради верски причини, тие се третирани на овој начин“, истакна специјалниот известувач Ли во својата изјава, нагласувајќи дека араканските муслимани се жртви на прогон и на насилство поради етнички и верски причини.
Ли потсети дека е упатен апел за започнување на меѓународна истрага со цел да се испитаат сторените кривични дела врз муслиманите и причините за насилствата. Таа нагласи дека случувањата во Мјанмар треба да излезат на виделина.
Специјалниот известувач Ли ги подготвува извештаите и ги прикажува пред светската јавност, поставувајќи ги на дневен ред грозоморните насилства врз муслиманите во Мјанмар – во кои на жртвите им се пресекуваат грлата, војниците пукаат врз цивили, фрлани се во оган лица со врзани раце и мали деца, се случуваат колективни силувања и сексуални малтретирања. Таа подготвува извештаји кои потоа ги доставува до ОН. Специјалната известувачка Ли истакна дека Владата во Мјанмар ѝ обезбедила специјален телохранител.
- „Смртните закани ме ставаат под голем стрес“
„Мјанмарската Влада ми обезбеди специјален телохранител. И покрај тоа, не ми е дозволен пристап до одредени места во земјата. Добивам голем број смртни закани. Овие смртни закани ме ставаат под голем стрес“, рече Ли, истакнувајќи дека не добива директни закани од владата.
„Човек никогаш не би сакал да живее во такви услови и на места каде што тие живеат. Ова треба да се промени“, истакна Ли, укажувајќи на животните услови на муслиманите што живеат во Аракан и во Бангладеш.
На 34. сесија на Комисијата за човекови права, која е во тек, Ли го доставила извештајот во врска со насилствата на кои се изложени араканските муслимани. Таа во својот извештај истакнува дека Владата во Мјанмар сака од државата да го протера целото население од заедницата Рохинџа.
„Насилствата што ги доживуваат овие семејства и на кои беа сведоци, се многу посеопфатни од она што претходно го претпоставував“, истакна Ли, која минатиот месец беше во четиридневна посета на Дака, главниот град на Бангладеш и на бегалскиот камп Леда, кој се наоѓа во градот Кокс Базар.
Ли постојано го истакнува дека насилството што војската и полицијата го спроведуваат над араканските муслимани е злосторство врз човештвото, и апелира да се започне една брза, детална, независна, неутрална и меѓународна истрага во врска со извршените убиства и прекршувањето на човековите права.