Yusuf Özcan
28 Април 2021•Ажурирај: 29 Април 2021
ПАРИЗ
Јавните институции на Франција продолжуваат со ставањето на нишан на меѓународните медиуми, како и на Агенција Анадолија (АА), кои во последниот период, во рамки на слободата на медиумите, преку вести и коментари, до меѓународната јавност ги пренесуваат притисоците кон муслиманите и Турците, јавува Агенција Анадолија (АА).
Франција во последниот период наместо да води борба против антиисламизмот и дискриминирачките политики, преферира да ги става на нишан меѓународните медиуми што објавуваат и пишуваат вести во оваа насока.
Владата на Франција, особено во последните месеци, преку операциите направени под името на дискриминирачкиот Нацрт-закон и борба против тероризмот направи чекори со кои се отежнува секојдневниот живот на муслиманите и на антиисламизмот му се овозможува правна основа.
АА за овие настани во Франција направи вести било преку разговори со погодените лица, било преку конкретните чекори направени од страна на надлежните институции. АА е земена на нишан од страна на администрацијата на Париз, која на секоја платформа ја брани слободата на медиумите.
Последно, во соопштението на Меѓуминистерскиот комитет за спречување на кривичните дела и радикализацијата, објавено на социјалните мрежи, се тврди дека АА со своите објави „ја напаѓа Франција“.
Но, АА како меѓународна новинска агенција, наспроти тврдењата на Меѓуминистерскиот комитет, ја информира меѓународната јавност во рамки на слободата на медиумите и особено врз основа на принципите на објективно објавување.
Покрај тоа, мислењата во вестите и објавите на АА особено во врска со овие практики на Франција се истакнуваат и од страна на француските професори, новинари и експерти.
Меѓународните медиуми често пишуваат за дискриминирачките политики на Франција кон муслиманите. Весникот „Њујорк тајмс“ со седиште во САД објави вести преку кои го критикуваше тоа што во францускиот град Албервил полицијата упаднала во куќите на 4 деца на 10-годишна возраст со обвинение дека го поддржуваат тероризмот, а потоа ги пренела во полициска станица каде што со часови биле испрашувани.
Британскиот весник „Фајненшал тајмс“ исто така објави вест преку која упати критики за ставот на францускиот претседател Емануел Макрон против исламот и муслиманите. Во оваа вест се наведува дека Макрон врши дискриминација кон муслиманите во земјата поради претседателските избори во 2022 година.
Генералниот директор и претседател на Управниот одбор на АА, Сердар Караѓоз, во врска со ова прашање истакна дека АА ќе продолжи со своите ефективни и ценети објави на меѓународните платформи.
„Практиките во Франција што се спроведуваат во името на сепаратистичкиот Нацрт-закон, кој е во процес на одобрување во Националното собрание, и под името на борбата против тероризмот, се одблизу следени не само од страна на АА, туку и од страна на сите меѓународни медиуми, и овие практики се тема на критики. Исто така, Агенција Анадолија на овој начин правилно ја исполни својата должност за праведно информирање на јавноста“, рече Караѓоз, додавајќи дека како и во секој медиум, и во АА постои платформа која на авторот му овозможува слободно да коментира под категоријата „Мислење“.
„Содржините на АА во врска со дискриминацијата и исламофобијата можеби ги вознемируваат некои влади. Овие влади наместо да нè напаѓаат поради нашите објави, треба да направат демократски регулативи во врска со темите што се дел од нашите содржини, и треба да се откажат од поттикнување на дискриминацијата и исламофобијата“, нагласи тој.
Според него, не е прифатливо да се доведе во прашање новинарството на Агенција Анадолија, која го исполнува правото на народот за пристап до вести, и не е прифатливо АА да се покаже како цел во француската јавност.
„Ваквите антидемократски напади се напади направени не против Агенција Анадолија туку против слободата на медиумите и демократијата. Француската Влада треба повторно да се обедини со концептите 'демократија, единство и братство' кои се познати како симбол на Франција, да се откаже од овој дискриминирачки и антидемократски пристап, како и да ја почитува слободата на медиумите. Антидемократските и дискриминирачките политики на Франција, што се шират во последен период, ги сметам за загрижувачки од аспект на европските вредности. Овие политики се политики кои го трујат европското семе, и предизвикуваат институционализирање на расизмот и дискриминацијата. Овој пристап на француската Влада може да предизвика социјален хаос во Европа. Ќе продолжиме да го пренесуваме до светската јавност гласот на милиони лица што живеат во Франција и се изложени на дискриминација од страна на Владата, и ќе продолжиме да вршиме само новинарство“, додаде Караѓоз.
Инаку, покрај CIPDR, исто и францускиот канал „Франс 5“ (France 5) ја зеде како цел АА. На програмата објавена на 23 март на „Франс 5“ под насловот „Султанот Ердоган кој ја предизвикува Европа“, беше наведено дека АА „произведува лажни вести во врска со Франција“ и дека „се прави сѐ за Франција да се покаже како исламофобична“.
Меѓуминистерскиот комитет за спречување на кривичните дела и радикализацијата исто и претходно излезе со изјави преку кои го стави како цел Мерван Мухамед, поранешен генерален директор на Колективот против исламофобијата во Франција (CCIF), што беше распуштен од страна на Владата.