Associated Press
27 Декември 2022•Ажурирај: 28 Декември 2022
КАБУЛ (АА) - Терористичката организација ДЕАШ ја презеде одговорноста за бомбашкиот напад во кој загина началникот на локалната полиција во Авганистан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Абдулхак Абу Омар, началникот на полицијата на североисточната провинција Бадакшан, беше убиен вчера изутрина кога експлодираше автомобил-бомба.
Портпаролот на Министерството за внатрешни работи Абдул Нафи Такор изјави дека во експлозијата загинале уште две лица, а други две се ранети.
Тој потврди дека се приведени четири лица.
Терористите на ДЕАШ соопштија дека паркирале автомобил полн со експлозив на патот по кој шефот на полицијата се движел кон работа и го активирале кога бил во близина.
На почетокот на овој месец, терористите ја презедоа одговорноста за координираниот напад врз хотел во кинеска сопственост во авганистанската престолнина Кабул, во кој тројца напаѓачи беа убиени, а најмалку двајца гости беа повредени во обид да избегаат скокајќи од прозорец.