Fatma Zehra Solmaz
02 Јануари 2026•Ажурирај: 05 Јануари 2026
ИСТАНБУЛ (AA) – Американскиот претседател Доналд Трамп денес предупреди дека Соединетите Американски Држави (САД) ќе интервенираат доколку Иран „пука и насилно убива мирни демонстранти“, истакнувајќи дека САД се во состојба на готовност, пренесува Анадолу.
Во објавата на својата платформа Трут Соушал, Трамп напиша: „Доколку Иран пука и насилно убива мирни демонстранти, што им е вообичаена практика, САД ќе им помогне (на демонстрантите). Ние сме во состојба на готовност. Ви благодарам за вниманието на ова прашање!“
Полудржавната иранска новинска агенција „Фарс“, како и организацијата за човекови права „Хенгав“, објавија дека има загинати за време на судирите меѓу демонстрантите и безбедносните сили.
Две лица се убиени во градот Лордеган, во југозападниот дел на Иран, додека „Фарс“ јави дека уште три лица загинале во Азна и едно во Кухдашт.
Агенцијата, повикувајќи се на неименуван локален официјален претставник, вчера соопшти дека повеќе од 150 лица се собрале во областа Лордеган, во покраината Чахармахал и Бахтијари, извикувајќи антивладини пароли и фрлајќи камења кон јавни објекти.
„По интервенцијата на полицијата, дел од демонстрантите отвориле оган врз безбедносните сили, при што биле повредени неколку полицајци, а две лица загинале за време на судирите“, изјави претставникот.
Протестите избувнаа на 28 декември на Големиот базар во Техеран, поради наглото слабеење на иранскиот ријал во однос на странските валути и влошената економска состојба, по што се проширија и во други градови низ земјата.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, исто така, го призна незадоволството на јавноста, изјавувајќи дека Владата сноси одговорност за актуелните економски проблеми и повикувајќи ги функционерите да не ја префрлаат вината врз надворешни фактори, како што се Соединетите Американски Држави.