Büşra Nur Çakmak
08 Февруари 2021•Ажурирај: 09 Февруари 2021
АНКАРА
Меѓународната хуманитарна организација „Амнести интернешнал“ остро го осуди произволното притворање на демонстрантите кои протестираа поради воведувањето на новиот закон за безбедност во Франција, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Голем број демонстранти се приведени поради ненасилни кривични дела кои нејасно се дефинирани во францускиот закон, а во него е вклучено и злосторството презир кон јавните службеници и учество во групи со цел подготвување на насилни дела“, се наведува во соопштението на таа организација.
„Амнести интернешнал“ потсети дека на 12 декември минатата година во неколку француски градови се одржани масовни протести и дека во Париз од слобода се лишени 142 демонстранти, од кои 124 се задржани во притвор.
Во поголем дел од тие случаи приведените демонстранти не се ниту процесуирани, а од „Амнести интернешнал“ тврдат дека не постојат доволно основи за оправдување на поголемиот дел од тие апсења и притворања.
„Амнести интернешнал го повикува францускиот претседател Емануел Макрон да обезбеди да се укинат сите законски одредби кои го кршат правото на мирен собир. На луѓето кои мирно учествуваат во протестите, во пресрет на дискусијата во март во Сенатот, мора да им се овозможи да го прават тоа без закани за апсење“, се наведува во соопштението.
Марко Перолини, истражувач на „Амнести интернешнал“ за Европа, изјави дека притворањето на демонстрантите кои мирно протестираат против новиот закон, кој додатно би ги ограничил нивните права, претставува еклатантен пример за кршење на основните човекови права.
„Оваа опасна практика претставува сериозна закана за правата на луѓето во Франција“, порача Перолини.
Народното собрание на Франција го одобри спорниот закон за безбедност уште во ноември минатата година, а Сенатот ќе дискутира за него и ќе гласа на 3 март.
Безбедносниот закон го криминализира ширењето видеоснимки и слики од полицијата на социјалните мрежи и овозможува масовен надзор со помош на дронови, безбедносни камери и камери на полициските униформи.