Ekip
08 Февруари 2021•Ажурирај: 09 Февруари 2021
АНКАРА
Турската Фондација Дијанет продолжува со проектите за обезбедување на пристапот до пивка вода во голем број африкански земји, а во 2020 година во вкупно 20 земји отвори 143 бунари и јавни чешми, јавува Агенција Анадолија (АА).
Низ големиот број проекти Дијанет настојува да им помогне на земјите соочени со проблеми како што се глад и суша, а каде што жителите на некои региони се принудени да пешачат со километри за да дојдат до вода. Дијанет во 2015 година, благодарение на донаторите од Турција, започна со проектите за копање на бунари и отворање на јавни чешми, а во тој период за повеќе од шест милиони лица е обезбеден пристап до пивка вода.
Потпретседателот на Управниот одбор на Фондацијата Дијанет, Ихсан Аџик, изјави дека од година во година константно го зголемуваат бројот на отворени бунари и јавни чешми.
Тој наведе дека во Африка постојат милиони луѓе кои не само што немаат пристап до пивка вода, туку немаат ни вода со која би ги измиле рацете, поради што се принудени да пешачат со километри до изворот, во кој пак, нема пивка вода.
„Фондацијата, благодарение на добрите луѓе од нашата земја, пристигна на помош во регионите што имаат потешкотии до пристапот на пивка вода“, изјави Аџик и додаде:
„Во текот на 2020 година во 20 земји отворивме 143 бунари и јавни чешми, а тоа се Того (17), Буркина Фасо (7), Чад (12), Нигер (6), Танзанија (24), Зимбабве (18), Гана (5), Либерија (5), Мали (7), Брегот на Слоновата Коска (5), Бенин (5), Кенија (4), Сенегал (9), Сомалија (1), Малави (6), Замбија (1), Авганистан (2), Камерун (6), Бурунди (2) и Сиера Леон (1).
Аџик, исто така, нагласува дека волонтерите на Дијанет продолжуваат со активностите на терен, а досега вкупно во 32 земји се отворени 440 бунари и јавни чешми.
„На тој начин за шест милиони лица обезбедивме пристап до пивка вода“, изјави Аџик, појаснувајќи дека бунарите ги копаат на длабочина меѓу 50 и 500 метри, а работат на систем на сончева енергија.