Ömer Aydın
16 Април 2018•Ажурирај: 17 Април 2018
ПАРИЗ (АА) - Претседателот на Франција, Емануел Макрон, истакна дека ако се сака да се биде во единство, потребно е да се прифати слободата на религија и верување, пренесува Anadolu Agency (AA).
Макрон одговараше на новинарските прашања на една специјална програма емитувана во живо на БФМТВ и „Медиапарт“, каде што се осврна на прашањето за муслиманите во земјата и хиџабот, и рече дека исламската религија се проширила во Франција особено по миграциите и движењето на популацијата.
Тој истакна дека денес има од 4,5 до 6 милиони француски муслимани.
„Пред сè, оваа религија може да се смета како нова за Франција. Франција во текот на историјата имаше врска со католичката, протестантската и еврејската религија. Голем број од нашите граѓани имаат страв од овој нов феномен. Ако сакаме да бидеме во единство, потребно е да ја прифатиме слободата на религија и верување“, додаде Макрон, и рече дека овој страв се храни поради радикалните движења.
На новинарското прашање „Што чувствувате кога се соочувате со жена со хиџаб?“, Макрон истакна дека го почитува тоа, и дека тоа треба да се почитува во Франција.
Осврнувајќи се на разликите меѓу исламската религија и традиционалниот француски начин на живеење, Макрон нагласи дека не e поддржувач на една законска регулатива која ќе донесе забрана за носење хиџаб во Франција.
Во врска со прашањето околу тоа што пред извесно време во Франција тема за дискусија беше учеството на мајките што носат хиџаб во училишните екскурзии и активности, Макрон рече: „Ако се државјани, ако не се вработени во училиштето, можат да носат хиџаб, бидејќи училиштето е секуларно, а не општеството“.