Şeyma Uzundere
25 Октомври 2021•Ажурирај: 27 Октомври 2021
КАНБЕРА (АА) - Во Австралија, Владата го објави предлог-законот со кој се бара платформите на социјалните мрежи да бараат родителска согласност за корисниците помлади од 16 години, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението Владата се истакнува дека ако се донесе законот, ќе се погрижи австралиските закони за приватност да бидат во согласност со дигиталната ера и да ги штитат Австралијците на интернет.
Дејвид Колман, заменик-министерот за ментално здравје и превенција од самоубиства, наведе дека новиот закон, со кој ќе се бара родителска согласност, може да биде пример за светот во однос на заштитата на децата.
„Во Австралија, имаше постојан пораст на симптомите на стрес и нарушување на менталното здравје кај младите, дури и пред избувнувањето на Ковид-19. Покрај тоа што причините за ова се сложени и различни, знаеме дека социјалните мрежи се дел од проблемот“, додаде Колман.
Миа Гарлик, регионален директор за јавна политика на Фејсбук, посочувајќи дека го поддржуваат спроведувањето на ваквите закони за младите корисници, рече дека го испитуваат предлог-законот објавен денеска и дека сакаат повеќе да соработуваат со австралиската Влада во однос на ова прашање.
Со предлог-законот, од платформите на социјалните медиуми се бара да ги преземат сите неопходни чекори за да ја одредат возраста на нивните корисници и како приоритет да ги земат предвид интересите на децата.
Компаниите за социјални мрежи кои ќе го прекршат законот може да бидат казнети и со 7,5 милиони долари.
Австралија, исто така, во април 2020 година донесе закон со кој се бара од технолошките компании да им плаќаат на медиумите за содржината што ја користат.