Австралиски научници развија модел на вештачка интелигенција кој дешифрира зборови од мозочните бранови
Ова научно достигнување може не само да помогне на пациентите со нарушена когниција, туку и да го промени начинот на кој луѓето комуницираат со компјутерите

АНКАРА (АА) – Австралиски истражувачи развија модел на вештачка интелигенција (ВИ) што може да ги дешифрира зборовите и речениците од мозочните бранови детектирани со нослива капа, поставувајќи нови граници во медицината, јави Австралиската радиодифузна корпорација денес, пренесува Анадолу.
Ова научно достигнување може не само да помогне на пациентите со нарушена когниција, туку и да го промени начинот на кој луѓето комуницираат со компјутерите.
Пионерскиот ВИ-модел е развиен од експертот Даниел Леонг, докторантот Чарлс Жу и нивниот ментор Чин-Тенг Лин во Центарот за хуманo-центрична вештачка интелигенција „GrapheneX“ при Универзитетот за технологија во Сиднеј. Тимот користел длабоко машинско учење за да ги преведе мозочните сигнали регистрирани преку електроенцефалограм (ЕЕГ) во конкретни зборови.
Лин истакна дека моделот засега учи од ограничен сет зборови и реченици, со цел полесно да се идентификуваат поединечните зборови. За понатамошно усовршување на технологијата, истражувачите ангажираат волонтери кои читаат текстови додека ја носат капата со ЕЕГ, за со тоа да се соберат повеќе податоци.
Нивната амбиција е технологијата да се користи и за комуникација меѓу две лица.
Професорот за биоелектроника при Универзитетот на Нов Јужен Велс, Мохит Шивдасани, изјави дека научниците со децении се обидуваат да ги откријат шемите во биолошките сигнали, но денес благодарение на ВИ можат да се препознаат и обрасци што претходно никогаш не биле забележани.
Тој додаде дека вештачката интелигенција, особено кога се користи со имплантирачки уреди, може брзо да се персонализира според начинот на кој поединецот извршува одредена задача.
Истражувачкиот тим досега постигнал околу 75 отсто точност во претворањето на мислите во текст, а нивната цел е да достигнат 90 отсто прецизност.