Rania R.a. Abushamala
28 Јули 2025•Ажурирај: 29 Јули 2025
ГАЗА/АНКАРА (АА) - Четиринаесет Палестинци, меѓу кои и две деца, починаа во последните 24 часа поради тешка неисхранетост во Појасот Газа, соопшти Министерството за здравство во опколената енклава, јавува Анадолу.
„Болниците во Газа пријавија 14 смртни случаи, меѓу кои две деца, поради глад и неисхранетост во последните 24 часа“, се вели во соопштението на Министерството.
Со најновите смртни случаи бројот на починати лица од глад од октомври 2023 година се искачи на 147, од кои 88 се деца.
Израел одржува блокада на Газа веќе 18 години, а од 2 март ги затвори сите премини, влошувајќи ги хуманитарните услови во енклавата.
Отфрлајќи ги меѓународните повици за прекин на огнот, израелската Армија спроведува брутална офанзива врз Газа од 7 октомври 2023 година, при што се убиени речиси 60.000 Палестинци, повеќето од нив жени и деца. Немилосрдното бомбардирање ја уништи енклавата и доведе до недостиг на храна.
Минатиот ноември, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел е обвинет за геноцид во Меѓународниот суд на правдата за својата војна врз енклавата.