политика

Џафери: „Изборите нека бидат чесни и достоинствени“

„Апелирам до сите учесници на овој изборен процес да бидат на висина на својата задача, да придонесат изборниот ден да биде свечен ден и уште еден позитивен прилог во Извештајот за напредокот што треба да биде објавен во март“, нагласи Џафери

Husamedın Gına  | 17.02.2020 - Обновена : 18.02.2020
Џафери: „Изборите нека бидат чесни и достоинствени“ (Foto: Husamedin Gina/Anadolu Agency)

СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, одржа прес-конференција по повод потпишувањето на решението за распишување на предвремени парламентарни избори кои ќе се одржат на 12 април оваа година, јавува Агенција Анадолија (АА).

Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, истакна дека го потпишал решението за распишување на предвремените парламентарни избори, врз основа на член 12, став (2) од Изборниот законик и дека е доставен до Државната изборна комисија.

Истакнувајќи дека лидерите ја вратиле довербата кај граѓаните, Џафери рече дека институциите имаат обврска да обезбедат услови за фер, слободни и демократски избори

„Апелирам до сите учесници на овој изборен процес (политички партии, партиски активисти и членови, членови на избирачки одбори и општински изборни комисии, и најважно од сѐ, до вас, медиумите), да бидат на висина на својата задача, да придонесат изборниот ден да биде свечен ден и уште еден позитивен прилог во Извештајот за напредокот на земјата што треба да биде објавен во месец март“, нагласи Џафери.

Џафери, посакувајќи изборите да бидат достоинствени, рече: „Со среќа на денот на изборите, нека биде чесно и достоинствено. Нека победи гласот на народот.“

Според Роковникот за спроведување на предвремените парламентарни избори на Државната изборна комисија (ДИК), предвидено е кампањата за изборите да трае 20 дена. Кампањата почнува на 23 март и завршува на 10 април на полноќ.

Собранието на Република Северна Македонија на вчерашната 137. седница ја донесе одлуката за самораспуштање во пресрет на најавените предвремени парламентарни избори закажани за 12 април.

Од вкупно 120 пратеници колку што брои Собранието на Северна Македонија, на седницата присуствуваа 117 пратеници, од кои 108 гласаа „за“, а немаше воздржани, ниту против.

Потсетуваме, откако на Самитот во Брисел во октомври минатата година, поради противењето на Франција Европскиот совет не донесе одлука за одредување датум на Северна Македонија за почнување преговори за членство во Европската Унија (ЕУ), претседателот на државата, Стево Пендаровски, свика лидерска средба, на која лидерите на парламентарните политички партии се договорија на 12 април оваа година да бидат одржани предвремени парламентарни избори.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.