Abdula Berisha
30 Октомври 2019•Ажурирај: 31 Октомври 2019
СКОПЈЕ (АА) - Парламентарната комисија за локална самоуправа денеска организираше јавна расправа на тема „Спроведување на Законот за локална самоуправа во однос на работата на комисиите за односи меѓу заедниците на локално ниво (членови 41 и 55)“, јавува Anadolu Agency (АА).
На дебатата учествуваа претставници на централната и локалната власт, како и претставници на меѓународни невладини организации и од Северна Македонија.
На отворањето на јавната расправа, претседателот на Комисијата, Џеват Адеми, рече дека ја организирал оваа јавна расправа како надзор над спроведувањето на Законот за локална самоуправа, особено во врска со работата на комисиите за односи меѓу заедниците на локално ниво.
„Како производ на Охридскиот рамковен договор, комисиите за односи меѓу заедниците мораа да обезбедат граѓаните кои живеат како малцинства, имено, заедницитe кои живеат во локално малцинство во рамките на општината, да не бидат маргинализирани и да ги уживаат нивните уставно загарантирани права. Овие комисии претставуваат единствена институционална рамка за дијалог меѓу заедниците на локално ниво“, рече Адеми.
Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, во својот говор рече дека во пракса постојат неизвесности во спроведувањето на член 55 од Законот за локална самоуправа, кој меѓу другото ја уредува потребата од формирање комисии за односи меѓу заедниците на локално ниво, нивниот состав, како и предметот на работата.
Министерот Милевски истакна дека според нивните податоци кои датираат од последните локални избори, вакви комисии се формирани во 30 општини, додавајќи дека по последните локални избори, податоците сѐ уште не се обработени.
„Нашите првични информации се дека бројот на комисии коишто се формирани е значително помал во споредба со претходниот мандат и тоа е една загрижувачка тенденција, затоа што де факто, произлегува дека комисиите коишто се задолжителни по закон, и не се многу неопходни во општините“, изјави Милевски.
Инаку, во членот 55 од Законот за локална самоуправа е утврдено дека Комисија за односи меѓу заедниците треба да се формира во општините каде што има над 20 отсто жители од малцинствата, во однос на вкупниот број на жителите на општината.