Admir Fazlagic
04 Август 2020•Ажурирај: 05 Август 2020
СКОПЈЕ
Собранието на Република Северна Македонија денеска ја одржа конститутивната седница, на која со 116 гласа „за” и ниеден „против“ од присутните пратеници, се конституираше новиот собраниски состав кој брои 120 пратеници, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во Собранието на Северна Македонија се одржа првата седница на новиот парламентарен состав, во Голема купола, согласно здравствените протоколи за заштита од ширење на Ковид-19.
Со седницата претседаваше претседателот на Собранието во заминување Талат Џафери. Во согласност со препораките од Комисијата за заразни болести, Конститутивната седница се одвива според протоколи и критериуми коишто се утврдени во претходна координација со Комисијата за заразни болести, со цел цел да се намали ризикот од евентуално ширење на заразата од Ковид-19.
Џафери им честиташе на колегите пратеници и кажа дека од овој момент, мандатот на претходните, заврши. Како што е предвидено, до избор на новиот претседател на Собранието, седниците ќе ги предводи Талат Џафери, а на денешната седница беа избрани неговите заменици, Горан Мисовски и Флоријан Бесими.
На конститутивната седница присуствуваа и претседателот на државата, Стево Пендаровски, техничкиот премиер Оливер Спасовски, поранешни претседатели на државата и на Собранието, претставници на највисоките судски инстанции, Народниот правобранител, претседателката на Народната банка, претставници на верските заедници и претставници на дипломатски конзуларни мисии во Северна Македонија.
Во Уставот е предвидено претседателот на државата во рок од 10 дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Претседателот Стево Пендаровски веќе најави дека планира да одржи консултации со политичките партии по конституирањето на Парламентот, по што, согласно уставните одредби, ќе го додели мандатот за формирање нова влада на партијата, односно на партиите што ќе обезбедат мнозинство во Собранието на Република Северна
Македонија.
Потсетуваме, на изборите кои се одржаа на 15 јули оваа година, коалицијата „Можеме“ предводена од Социјал-демократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) освои 46 пратенички мандати, Коалицијата „За обнова на Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ освои 44 пратенички мандати, Демократската унија за интеграција (ДУИ) освои 15 пратенички мандати, Коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива освоија 12 пратенички мандати , Левица освои два пратенички мандати и Демократската партија на Албанците (ДПА) освои еден пратенички мандат.