Adel Ömeragiç
07 Ноември 2016•Ажурирај: 08 Ноември 2016
ЦЕТИЊЕ (АА) - Во Цетиње се одржа конститутивната седница на новиот состав на црногорскиот Парламент, на која се верификувани мандатите на пратениците на новиот состав. Иако беше најавено дека денес ќе бидат избрани претседател и потпретседател на Собранието, за тоа денес не се гласаше, јавува Anadolu Agency (AA).
На седницата присуствуваа пратениците на Демократската партија на социјалистите (ДСП), социјалдемократите, Бошњачката партија, Хрватската граѓанска иницијатива и Форца.
Од друга страна, пратениците на коалицијата „Клуч“ на Демократите, од СДП и од Демократскиот фронт, како што беа најавиле, не дојдоа во Цетиње, бидејќи сметаат дека изборите не биле фер и демократски.
Претставувајќи го извештајот на Државната изборна комисија (ДИК) за резултатите од изборите за пратениците во Парламентот на Црна Гора, кои се одржани на 16 октомври, претседателот на тоа тело, Будимир Шарановиќ изјави дека му е мило што страните на набљудувачката мисија позитивно ги оцениле парламентарните избори.
Тој потсети дека гласачко право во Црна Гора имаат 528.817 гласачи, и дека на гласачките места гласале 388.220 гласачи. Според податоците на ДИК, имало 140.597 неупотребени гласачки ливчиња и 5.513 неважечки.
„Демократската партија на социјалистите освои 36 мандати, Демократскиот фронт 18, коалицијата „Клуч“ девет, Демократите осум, Социјалдемократската партија (СДП) четири. Социјалдемократите и Бошњачката партија ќе имаат по два, а коалицијата „Албанци одлучно“ и Хрватската граѓанска иницијатива по еден пратеник“, изјави Шарановиќ.