Adel Ömeragiç
07 Ноември 2016•Ажурирај: 07 Ноември 2016
ЦЕТИЊЕ (АА) - Конститутивната седница на новиот состав на црногорскиот Парламент започна денеска во Цетиње. На првата седница на есенското заседание планирано е да се избере нов претседател на Парламентот, како и да се усвои извештајот на Државната изборна комисија за резултатите од парламентарните избори коишто се одржаа на 16 октомври, јавува Anadolu Agency (AA).
На седницата во Цетиње, каде што традиционално се одржуваат првите седници на пролетното и есенското заседавање, не присуствуваат пратениците на Демократскиот фронт, коалицијата „Клуч“, демократите и пратениците од Социјалдемократската партија, кои не ги признаваат изборните резултати, оценувајќи дека изборите не биле слободни и демократски.
Првата седница на Собранието ја свика претседателот во заминување, Дарко Пајовиќ, а со денешната седница претседава најстариот пратеник, Марија Чатовиќ. Во новиот состав на црногорскиот Парламент, Собранието ќе има 81 пратеник.
За денеска е планирано, покрај верификацијата на мандатите, пратениците да изберат претседател и потпретседатели на Собранието и претседател и членови на Административниот одбор.
На денешната конститутивна седница, како гости присуствуваат црногорскиот претседател Филип Вујановиќ, претседателката на Врховниот суд на Црна Гора, Весна Меденица, претседателката на Уставниот суд, Десанка Лопичиќ, главниот државен обвинител Ивица Станковиќ, Народниот правобранител Шучко Баковиќ и гувернерот на Централната банка, Радоје Жугиќ.
Според резултатите од изборите што се одржаа на 16 октомври, Демократската партија на социјалистите (ДПС) освои 36 мандати, Демократскиот фронт (ДФ) 18, коалицијата „Клуч“ девет, Демократите осум, Социјалдемократската партија (СДП) четири. Социјалдемократите и Бошњачката партија ќе имаат по две, а коалицијата „Албанците решително“ и Хрватската граѓанска иницијатива по еден пратеник.
Право на глас во Црна Гора имаа 528.817 гласачи, а на избирачките места гласаа 388.220 избирачи.