Adel Omeragic
05 Септември 2021•Ажурирај: 05 Септември 2021
ЦЕТИЊЕ (АА) - Со употреба на солзавец полицијата ја проби блокадата на ридот Белведер, на влезот во Цетиње. Се слушнаа силни експлозии, запалени се гуми, а насобраните граѓани се упатија кон центарот на градот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тензиите во Цетиње не престануваат од рано утринава. Полицијата ги проби барикадите од правецот на Подгорица и Будва, а во целиот град се чувствува солзавецот. Според изјавите на граѓаните, фрлена е огромна количина хемиски средства со цел насобраните граѓани да се разотидат.
За време на протестот утрово се уапсени повеќе лица, меѓу кои и поранешниот директор на Полициската управа, Веселин Вељовиќ.
Во Цетињскиот манастир пред малку беше устоличен митрополитот црногорско-приморски Јоаникиј. Придружуван од патријархот на Српската православна црква (СПЦ) Порфириј, утрово пристигна во Цетиње со хеликоптер, со силно полициско обезбедување. Ги чуваа припадници на антитерористичката полициска единица.