05 Септември 2021•Ажурирај: 06 Септември 2021
БЕЛГРАД (АА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека Србија нема „никакви големосрпски аспирации“ кон Црна Гора, јавува Агенција Анадолија (АА).
Вучиќ, говорејќи за устоличувањето на митрополитот на Српската православна црква (СПЦ) Јоаникиј во Цетиње, истакна дека Белград сака најблиски, најдобри и братски односи со таа земја и дека ќе стори сè за да биде така и покрај сите понижувања.
Тој, обраќајќи му се на претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, рече дека власта во Србија нема и никогаш немала намера некого да покорува.
Вучиќ нагласи дека „секогаш од Црна Гора доаѓале напади кон Србија“ и истакна дека додека е жив, нема да дозволи Србија да ја покорат како што го правеле тоа 30 години.
Вучиќ, коментирајќи ги случувањата околу устоличувањето на митрополитот Јоаникиј, наведе дека станува збор за „продолжување на идеологијата во која српската црква треба да биде изгасена“ и оцени дека целта на оние што се против устоличувањето во Цетиње е „одвојување на Митрополијата Црногорско-Приморска од нејзината мајка СПЦ, да ја прогласат за православна црква во Црна Гора и Србите да се асимилираат и исчезнат“.