Adel Omeragic
05 Септември 2021•Ажурирај: 06 Септември 2021
ЦЕТИЊЕ (АА) - Во Цетиње во моментов е мирно, по утринските судири меѓу полицијата и граѓаните кои протестираа против устоличувањето на митрополитот на Српската православна црква Јоаникиј, јавува Агенција Анадолија (АА).
Поради големиот број солзавци, шок-бомби и запалени гуми на една од блокадите, над Цетиње во моментов има голем облак чад. Граѓаните масовно се жалат дека е сè потешко да дишат во становите во центарот на Цетиње, а многу од нив се жалат на мачнина и повраќање. Советот за цивилна контрола на работата на полицијата соопшти дека за време на утринските интервенции била употребена прекумерна сила.
Полицијата го обезбедува центарот на градот и просторот околу Цетињскиот манастир.
Министерот за внатрешни работи на Црна Гора, Сергеј Секуловиќ, им честита на припадниците на црногорската полиција за утринската акција.
„Ви честитам за професионално одработената работа, трпението и сразмерната употреба на сила. Ветивме почитување на уставните права на сите граѓани на Црна Гора. Тоа и го постигнавме. Сите мора да бидат еднакви пред законот. Црна Гора мора да гради мир, отворен дијалог и во демократска, рационална дебата да ги решава своите проблеми. Нека ова биде последен пат да сме принудени да реагираме на ваков начин. Силни институции, силна Црна Гора“, наведе Секуловиќ.