Abdula Berisha
05 Септември 2021•Ажурирај: 07 Септември 2021
СКОПЈЕ (АА) - На првиот ден од пописот на населението, домаќинствата и становите во Северна Македонија, раководителите на Државниот завод за статистика (ДЗС) ја посетија Општина Ѓорче Петров во Скопје, за одблизу да видат како се одвива пописот, јавува Агенција Анадолија (AA).
Во изјава за медиумите, директорот на ДЗС, Апостол Симовски, посака процесот на регистрација на терен да продолжи во најдобар ред, нагласувајќи дека досега не бил увиден никаков проблем.
„Денес секаде низ државата успешно стартува процесот. Досега нема одбивања за попишување. Нема никакви технички проблеми бидејќи овој процес е пософистициран од претходните“, рече Симовски.
Пописот на населението и домаќинствата на терен ќе трае до 30 септември, а територијата на државата е поделена на 50 пописни региони.
„Сите попишувачи се на терен. Во оваа организација се вклучени 5.000 попишувачи, 500 реонски инструктори и 150 државни инструктори“, рече Симовски.

Тој исто така рече дека попишувачите строго ќе ги спроведуваат протоколите за заштита од новиот вид коронавирус (Ковид-19), повикувајќи ги и граѓаните да бидат внимателни.
Покрај државјаните што се присутни во земјата за време на пописот и кај кои попишувачите ќе користат компјутер и посебна апликација, продолжува онлајн самопопишувањето и за државјаните кои не се резидентни. Се работи за лица што имаат дозвола за престој во Северна Македонија и се нејзини државјани, а за време на пописот престојуваат во странство помалку од 12 месеци (една година) поради работа или некоја друга причина.
Според официјалната веб-страница на ДЗС, досега се самопопишале 191.118 лица.
Пописот првично требаше да се одржи од 1 до 21 април, но беше одложен поради влошената ситуација со пандемијата на коронавирусот.
Северна Македонија последен пат одржа попис во 2002 година. Во 2011 година започна пописот, но беше прекинат откако членовите на Пописната комисија поднесоа колективни и неотповикливи оставки.