Adel Omeragic
05 Септември 2021•Ажурирај: 06 Септември 2021
ПОДГОРИЦА (АА) - Владата на Црна Гора со брутална злоупотреба на државните ресурси, пред сè на војската и полицијата, и со целосно несоодветна употреба на сила против мирно собраните граѓани, обезбеди насилна интронизација на митрополитот Јоаникиј, рече црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тој истакна дека само човек без достоинство ќе си дозволи на таков начин „со хеликоптерски десант на црногорската престолнина и под заштита на панцирски ќебиња да биде внесен во Цетињскиот манастир, и на тој начин да го посрамоти тронот на Свети Петар Цетињски“.
Како што рече Ѓукановиќ, во Цетиње биле сведоци на големиот срам на Српската православна црква (СПЦ) и Владата, незапаметен во долгата историја на црногорската држава и во историјата на целокупното православие.
„Со брутална злоупотреба на државните ресурси, првенствено војската и полицијата, и целосно несоодветната употреба на сила против мирно собраните граѓани во црногорската престолнина, Владата обезбеди насилна интронизација на митрополитот Јоаникиј, спротивно на волјата на огромното мнозинство граѓани на Цетиње и значителен број Црногорци“, наведе Ѓукановиќ.
Како што рече, Цетиње повторно било на висина на задачата, како многупати во историјата на Црна Гора.
Црногорскиот претседател нагласи дека мирно собраните граѓани на Цетиње на одлучен и одговорен начин ја штителе честа и достоинството на градот и државата.
„За тоа најдобро сведочи тоа што без оглед на значајните провокации што ги трпеа, граѓаните не си дозволија во ниту еден момент да го загрозат мирот и стабилноста на престолнината и на Црна Гора, и животот и здравјето на ниту еден од собраните граѓани, вклучително и на припадниците на органите за безбедност“, наведе Ѓукановиќ.
Тој рече дека ова е пирова победа на Владата, која, како што рече, продолжува да им служи на големодржавните интереси и на Српската православна црква како ударна тупаница на големосрпскиот национализам против Црна Гора.
Како што истакна Ѓукановиќ, би можело да се каже дека ова е крај на почитта што досега ја уживала Српската православна црква и во престолнината и во Црна Гора.
„Така и ѕвоната што можеа да се слушнат по интронизацијата и кои требаше да бидат ѕвона во чест на новиот митрополит на СПЦ во Цетиње, всушност беа ѕвона за упокојување на мисијата на СПЦ и Цетињската митрополија во црногорскиот престолен град“, наведе Ѓукановиќ.