Adel Ömeragiç
07 Ноември 2016•Ажурирај: 08 Ноември 2016
ЦЕТИЊЕ (АА) - Претседателот на Владата на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, денес изјави дека според она што специјалниот државен обвинител го изјавил вчера во врска со обидот за терористички напад на денот на изборите во Црна Гора, нема сомнеж дека тие настани се случиле во дослух со политичкиот фактор од Црна Гора, јавува Anadolu Agency (AA).
Ѓукановиќ во Цетиње, каде што присуствуваше на конститутивната седница на Собранието на Црна Гора, изјави дека во досегашната истрага се собрани доволно докази за да можат да се подигнат обвиненија.
„Ја ислушав презентацијата од страна на врховниот државен обвинител и главниот специјален обвинител, и за жал, го потврдив сето она што веќе го претпоставуваме во првите обраќања на јавноста. Денес постојат премногу докази и во делот на истрагата што е воден во Црна Гора и во делот на она што го сторија надлежните органи на Србија, така што мислам тој непријатен мозаик да се комплетира и да се создадат претпоставки за подигнување обвиненија и започнување на судски процес“, изјави Ѓукановиќ.
Тој истакна дека сѐ е правено во дослух со политичките субјекти во Црна Гора.
„Непотребно е да се коментира дали некој од политичките фактори бил вклучен во сето тоа, па сето ова се случуваше поради политиката, а не поради нешто друго. Не верувам дека некој надвор од политичкиот простор на Црна Гора и надвор од политичките субјекти од Црна Гора осмислувал како ќе им помогне да дојдат на власт, туку тоа го правеле во овој или оној вид на дослух со политичките актери на политичката сцена на Црна Гора. Сето тоа, нормално, треба да докаже дека во прашање е правниот процес“, изјави црногорскиот премиер.
Тој исто така порача дека државата не може да се дестабилизира.
„Истрагата доведе до многу повеќе информации и детали отколку пред неколку дена. Можете да сметате дека за десет или дваесет дена ќе има многу повеќе информации. И она што сите ние како граѓани на Црна Гора би требало да посакуваме е тој процес да се заврши до крај. Мислам дека тоа ќе биде многу добро за Црна Гора, ќе застанеме на патот на идејата на перманентна политичка и антидржавна деструкција на одредени политички, медиумски и други кругови, кои сметаат дека можат да ја дестабилизираат државата. Не можат, и овој случај ќе биде добар повод да се извлече поука за сите оние што биле во заблуда“, изјави Ѓукановиќ.
Црногорската полиција во ноќта меѓу 15 и 16 октомври уапси 20 српски државјани, поради сомнеж дека извршиле кривични дела создавање криминална организација заради кривично дело тероризам. За 14 лица е одреден притвор, а шест лица се пуштени на слобода. Во меѓувреме, уапсено е уште едно лице, кое исто така се наоѓа во притвор.