Besar Ademi
28 Декември 2016•Ажурирај: 29 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во просториите на Државната изборна комисија на Република Македонија, попладнево беа доделени сертификатите за новоизбраните пратеници на коалициите и политичките партии што учествуваа на предвремените парламентарни избори на 11 декември оваа година, јавува Anadolu Agency (АА).
За разлика од претходно, овој пат уверенијата им беа доделени на овластените претставници на политичките партии и коалициите што освоија пратенички места, а не како досега, кога сертификатите им беа лично доделувани на новоизбраните пратеници.
„Во врска со работата на Државната изборна комисија, ние веруваме дека изборниот процес беше спроведен согласно законските прописи. Еден претставник нагласи и ние се согласуваме со него дека изборната кампања се одвиваше правилно и демократски. Исто така, изборниот процес помина според стандардите на меѓународната заедница“, рече претседателот на ДИК, Александар Чичаковски.
Кабинетот на претседателот на Собранието на Република Македонија соопшти дека конститутивната седница на деветтиот парламентарен состав е закажана за 30 декември.
Инаку, деветтиот состав на Собранието на Република Македонија ќе има 120 членови, а овој пат нема да има пратеници од дијаспората заради недоволниот број на гласови. На парламентарните избори во 2016 година, најмногу пратеници освои коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, која освои 51 место, потоа коалицијата предводена од СДСМ со 49 места, ДУИ со 10, БЕСА со 5, Алијансата за Албанците 3 и ДПА 2.
Македонскиот претседател е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието да ѝ го довери мандатот на партијата со мнозинство во Собранието. Носителот на мандатот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, до Собранието поднесува програма и го предложува создавањето на Владата.
Владата на предлог на носителот на мандатот и врз основа на програмата го избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.