Abdula Berisha
30 Октомври 2019•Ажурирај: 31 Октомври 2019
СКОПЈЕ (АА) - Вицепремиерката на Република Северна Македонија и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, ја најави владината мерка со која се обезбедуваат околу 7.000 денари (околу 115 евра) месечно за станарина за сите припадници на Армијата на Република Северна Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Шекеринска во изјава за медиумите рече дека ова е потврдено и со одлука на Владата донесена пред една недела, за време на дискусијата за измените на Законот за служба во Армијата.
„Таа одлука подразбира дека практично, од 1 март следната година, секој припадник на Армијата, без разлика дали се работи за воен или за цивилен персонал во Армијата, ќе добива месечен надоместок од околу 7.000 денари за т.н. закупнина или станарина, за решавање на станбеното прашање на сите, практично, припадници на Армијата“, рече Шекеринска.
Таа исто така објасни дека оваа мерка ќе важи без разлика каде работи и каде живее припадникот на Армијата и без оглед дали користи организиран превоз, додавајќи дека оваа мерка е едноставна, реална, остварлива и трајна.
Шекеринска рече дека досега станарина добивале околу 1.200 припадници на Армијата, а со новото законско решение се предвидени над 7 милиони евра од кои придобивка ќе имаат над 6.000 семејства.
Министерката за одбрана, исто така рече дека ваквите мерки се преземаат без оглед на очекуваното членство на земјата во НАТО.
„Нашата цел е да влеземе во НАТО Алијансата со армија која ќе биде горда и на својата припадност, и на својата земја. Армија која ќе биде мотивирана, посветена на своите задачи, и соодветно наградена од државата“, рече Шекеринска.