Admir Fazlagic
04 Септември 2017•Ажурирај: 05 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерката за одбрана на Република Македонија Радмила Шекеринска во рамките на работната посета на Република Словенија денеска во Љубљана се состана со министерката за одбрана на оваа земја, Андреја Катич. На средбата помеѓу двете министерки беше договорено дека Република Словенија е подготвена директно да ја поддржи Република Македонија во процесот на реформи во одбраната и при изработката на клучните документи за развој на одбраната и вооружените сили, како Стратегискиот одбранбен преглед, соопшти Министерството за одбрана на Република Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Во сериозни потфати како интеграцијата во НАТО нема простор за импровизација. Црна Гора тоа го докажа кога побара поддршка од Република Словенија и доби полноправно членство. Тоа беше мудар потег. Дозволете ми да го истакнам задоволството што министерката Катич изрази подготвеност Словенија да го искористи тоа знаење и искуство дадено на Црна Гора за да и помогне на Република Македонија да стигне до долго очекуваната стратешка цел. Убедена сум дека со таква поддршка, се зголемуваат шансите на нашата земја да стане 30. членка на НАТО-Алијансата“, истакна министерката Шекеринска по средбата со министерката Катич.
Словенечката министерка изјави дека Словенија ќе и ја даде на Македонија истата поддршка која и ја даде на Црна Гора во процесот на пристапување кон НАТО. Таа додаде дека Словенија ќе и помогне на Македонија во изработката на сите реформски документи, особено на Стратегискиот одбранбен преглед.
„Западниот Балкан за Словенија е приоритет и во тоа светло треба да се гледа поддршката што ја даваме за пристапувањата кон НАТО и ЕУ. Затоа не радува што Македонија во ова кусо време успеа да ги подобри односите со соседите“, рече Катич.
Министерката ја поддржа соработката на регионален план, особено во контекст на Балканските медицински наменски сили и додаде дека ќе ја поддржи Македонија во нејзиното кандидирање како водечка земја во оваа организација, по истекот на мандатот на Србија.
Министерката Шекеринска порача дека мигрантската криза и проблемите со тероризмот покажуваат колку државите во регионот зависат едни од други.
„Безбедносните интереси на Словенија се бранат и во Македонија, безбедносните интереси на Европа се бранат и на Балканот. Затоа интересот на Македонија да стане членка на НАТО е и интерес на целиот регион, на Европа. Тоа е интерес на заедничката безбедност“, рече министерката Шекеринска.
Таа додаде дека Македонија е исклучително посветена да ја оправда довербата на партнерите, вклучувајќи ја и Словенија, со исполнување на зацртаните реформи во планот „3-6-9“.
Шекеринска го потенцираше значењето на словенечката поддршка во изработката на Стратегискиот одбранбен преглед, како клучен документ кој ја трасира траекторијата за реформи во доменот на одбраната.
Во рамки на престојот во Словенија, министерката Шекеринска денеска учествува и на Бледскиот стратегиски форум кој претставува водечка конференција во Централна и Југоисточна Европа на која ќе стане збор за промените и предизвиците во светот, позицијата на Европската Унија, Западниот Балкан, човековите права во време на промени и дигиталната дипломатија. На Форумот учествуваат голем број шефови на држави и влади, министри, дипломати.
Шекеринска ќе има и повеќе билатерални средби, меѓу кои и со Претседателот на Словенија, Борут Пахор и со европратеничката Тања Фајон. Вечерва, словенечката министерка Катич организира работна вечера со министерката Шекеринска и потпретседателката на Европската комисија, Федерика Могерини.
Во текот на утрешниот ден, министерката Шекеринска ќе се сретне со претседателот и членовите на Одборот за одбрана во словенечкиот Државен збор, а ќе ја посети и Касарната Церкље, каде припадници на Армијата на Република Македонија во моментов посетуваат теоретска и практична обука за противвоздушна одбрана со лесниот преносен ракетен систем „Игла“.