Husamedin Gina
26 Август 2019•Ажурирај: 27 Август 2019
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска прими делегација од Република Србија, предводена од претседателката на Владата, Ана Брнабиќ, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението од Кабинетот на претседателот, на денешната средба е потврдена долгогодишната соработка меѓу двете земји која, како што е потенцирано од претседателот Пендаровски и премиерката Брнабиќ, e интензивирана во последните неколку години.
„На денешната средба се согласивме дека продолжува позитивната соработка во повеќе области, одраз на пријателството на две соседни држави. Членството во ЕУ ни е споделена цел и размената на искуства од овој процес може да ни биде од корист на двете земји“, се истакнува во соопштението од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.
На средбата, според соопштението, соговорниците, исто така, разменија мислења за прашањата од заемен интерес во регионот, како и за процесот на европска интеграција, и во таа насока истакнаа дека размената на искуства од патот кон ЕУ може да биде од корист за двете земји.