политика

Северна Македонија и Србија потпишаа три договори за соработка

Премиерката Брнабиќ беше пречекана со државни почести од нејзиниот колега, премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, по што следуваше билатерална средба...

Abdula Berisha  | 26.08.2019 - Обновена : 27.08.2019
Северна Македонија и Србија потпишаа три договори за соработка Фото: Abdula Berisha/АА

СКОПЈЕ (АА) - Во рамки на посетата на српската премиерка, Ана Брнабиќ, на Република Северна Македонија, двете земји потпишаа три различни договори за соработка, јавува Anadolu Agency (AA).

Премиерката Брнабиќ беше пречекана со државни почести од нејзиниот колега, премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, во зградата на Владата, по што следуваше билатерална средба меѓу премиерите и состанок на делегациите од двете држави, каде што беа присутни бројни министри.

По средбите, владините претставници во присуство на двајцата премиери потпишаа три договори: договор за заемно признавање на доверливи услуги, договор за соработка во фитосанитарната сфера и безбедноста на храната и договор за заемно признавање одобренија доделени на овластени економски оператори.

Договорот за заемно признавање на доверливи услуги го потпишаа министерот за информатичко општество и администрација на Северна Македонија, Дамјан Манчевски, и вицепремиерот на Србија и министер за трговија, туризам и телекомуникации, Расим Љајиќ.

Договорот за соработка во фитосанитарната сфера и безбедноста на храната го потпишаа Трајан Димковски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство во Владата на Северна Македонија, и Бранислав Надимовиќ, српски министер за земјоделство.

Договорот за заемно признавање одобренија доделени на овластени економски оператори го потпишаа директорот на Царинската управа на Северна Македонија, Ѓоко Танасовски, и заменик-директорот на Царинската управа на Србија, Веселин Милошевиќ.

На прес-конференцијата, Заев рече дека со овие договори ќе се намалат административните процедури за промет на стоки и патници. Говорејќи за договорот за заемно признавање на доверливи услуги, тој рече дека ова ќе овозможи итно признавање на електронски одобрените документи.

„Во пракса ова значи дека електронските документи издадени од институциите на Северна Македонија, како што се Централниот регистар, Царината, Управа за водење на матични книги и други, ќе бидат еднакво признаени во Србија, и истото ќе важи и за документите издадени по електронски пат во Србија“, рече Заев.

Српската премиерка Брнабиќ истакна дека потпишувањето на договорите создава предуслови за зголемена трговска размена меѓу двете земји.

„Потпишавме три важни договори што ќе овозможат во иднина, на најконкретен можен начин, зголемување на нашата размена на стоки и размена во секторот на услуги“, рече Брнабиќ.

Претходно во текот на денот, двајцата премиери присуствуваа и на започнувањето на концептот „Уан стоп шоп“ („One stop shop“) на граничниот премин „Табановце“, за кој рекоа дека ќе го намали на половина времето потребно за преминување од едната во другата држава.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.