Abdula Berisha
26 Август 2019•Ажурирај: 26 Август 2019
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, на граничниот премин „Табановце-Прешево“ се сретна со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, каде што го објавија почетокот на проектот за заедничко гранично управување „Уан стоп шоп“ („One stop shop“), јавува Anadolu Agency (AA).
Откако Заев и Брнабиќ накратко го надгледуваа функционирањето на овој граничен концепт, тие во нивните обраќања рекоа дека тој во голема мера ќе го олесни протокот на патници и производи.
Премиерот Заев рече дека концептот „One stop shop“ меѓу другото предвидува заедничко управување на граничните и царинските контроли, со едно застанување и заедничко извршување на граничните и царинските формалности при движење на стоките и патниците.
Заев нагласи дека преку Табановце во 2018 година поминале околу 200.000 превозни средства, што претставува околу 1/4 од вкупниот промет на сите гранични премини во земјата, додавајќи дека се очекува овој број да биде зголемен за 30 %.
„Со новиот „One stop shop“ концепт ќе се забрза протокот на патници, стока и превозни средства. Времето на минување на граница ќе се намали за повеќе од половина, што ќе придонесе и за зголемување и на бројот на туристи помеѓу двете држави, како и на бројот на транзитните туристи. На деловните луѓе, за половина ќе им се скрати времето на царинските постапки. Контролите ќе се вршат на едно место од страна на царинските служби“, рече Заев.
Премиерот на Северна Македонија истакна дека е предвидено меѓусебно признавање на сертификатите на граничните агенции, со што, според владините проекти и анализи, се очекува дека со „One stop shop“, превозниците и извозниците ќе имаат заштеда од околу 8 милиони евра годишно.
Премиерката Брнабиќ рече дека ова е прв заеднички граничен премин во овој дел од Европа, додавајќи дека се очекува тој да придонесе за пораст на извозот, трговската размена и бројот на туристи.

„Ова не е важен ден само за Република Србија и Република Северна Македонија, ова е потенцијално нов почеток за економска, трговска, регионална соработка на Западен Балкан. Но за да биде ова вистинскиот нов почеток, нам ни е потребна политичка храброст, политичка визија, потребно е да гледаме кон иднината и да не се фокусираме на кратковидни, популистички политики“, рече Брнабиќ.
Српската премиерка нагласи дека регионалната соработка се наоѓа пред предизвици, поради „суспендирање на договорот ЦЕФТА од страна на Приштина“, додавајќи дека е политички паметно меѓусебно да се поврземе, а не да се блокираме.
Освен двајцата премиери, свои обраќања имаа и претставници од стопанските комори од двете земји, кои го поздравија воведувањето на овој граничен концепт. На настанот присуствуваа и делегации составени од министри од двете земји.
По завршувањето на настанот, делегациите се упатија кон главниот град Скопје, каде што премиерката Брнабиќ ќе биде пречекана со свечена церемонија пред Владата на Република Северна Македонија, а предвидено е да се сретне и со претседателот на државата, Стево Пендаровски.