политика

Владата на Северна Македонија го усвои Етичкиот кодекс за носителите на јавни функции

Министерот Поповски ги повика граѓаните да алармираат за какво било незаконско и неморално дејствување на носителите на јавни функции, изјавувајќи дека „гласните граѓани се најголемиот сојузник“

Abdula Berisha  | 21.08.2019 - Обновена : 22.08.2019
Владата на Северна Македонија го усвои Етичкиот кодекс за носителите на јавни функции

СКОПЈЕ (АА) - Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност во Владата на Република Северна Македонија, Роберт Поповски, придружуван од владиниот портпарол Муамет Хоџа, одржа прес-конференција на која информираа за решенијата донесени на 150-тата владина седница, јавува Anadolu Agency (AA).

Министерот Поповски информираше дека Владата го усвоила конечниот текст на Етичкиот кодекс за членовите на Владата и за носителите на јавни функции именувани од Владата.

Тој рече дека усвојувањето на Етичкиот кодекс всушност значи преземање одговорност од носителите на јавни функции за постојано придржување кон принципите на добро и одговорно управување.

„За практично спроведување и реализација на одредбите од Кодексот, од голема полза ќе бидат механизмите и мерките за санкции, како и системското подигање на свеста за добро управување на лицата кои вршат највисоки извршни функции“, рече Поповски.

Министерот Поповски ги повика граѓаните да алармираат за какво било незаконско и неморално дејствување на носителите на јавни функции, изјавувајќи дека „гласните, храбри и одговорни граѓани се најголемиот сојузник“.

Портпаролот Хоџа зборуваше за другите одлуки од владината седница, наведувајќи ја одлуката за зголемување на платите во основното, средното и високото образование за 5 %, почнувајќи од септември годинава.

Хоџа, исто така, рече дека е усвоено решението за основање ново Основно училиште „Киро Глигоров“ во Општина Центар, кое првите генерации ученици ќе ги прими во текот на претстојната учебна 2019/2020 година.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.